23/11/2024
Македонија

Корона кризата доведе македонските аеродроми да изгубат половина милион патници

Корона вирусот и неговото четиримесечно ширење во нашата земја нанесува сериозни штети по авиосообраќајот. Поради одлуката на 18 март да се затворат двата аеродрома како мерка за спречување на ширењето на Ковид-19 во Македонија, до крајот на мај биле изгубени околу половина милион патници во авиосообраќајот. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во април 2020 воздухопловниот превоз забележал само 1.853 патници, и тоа сите како граѓани кои Министерството за надворешни работи со специјални летови ги врати во нашата земја.

Наспроти ваквата минимална бројка, лани низ двата аеродрома во Скопје и Охрид во април биле регистрирани 213.261 патник, додека во мај 219.141 патник. Во март 2019 година, низ аеродромите минале 175.437 патници, додека истиот месец годинава беа регистрирани 79.469 патници. Ако се земат во предвид ваквите статистички податоци, тогаш може да се констатира дека воздухопловниот превоз во земјава поради корона кризата досега изгубил околу 520.000 патници, без вклучување на намалените бројки за превезени патници што ќе следуваат во летните месеци.

Штетите што ќе ги претрпи авиосообраќајот можат да растат и понатаму, доколку не се доведе под контрола натамошното ширење на корона вирусот во земјава. Македонската влада засега нема донесено одлука за тоа од кој датум ќе ги отвори за сообраќај аеродромите во Скопје и Охрид, но и ако го направи овој чекор, од пресудна улога ќе биде одлуката на странските влади за тоа дали ќе дозволат влез на македонски државјани на нивна територија.

На веб-страниците на двата аеродрома во Скопје и Охрид во моментов не е објавен летниот лет на летање, додека странските авиокомпании постојано го пролонгираат почетокот на одржувањето на редовните авионски линии кон нашите леталишта. Дел од авиокомпаниите продаваат авиобилети за Скопје и Охрид за периодот по 15 јуни, но поголемиот дел од нив што имаат редовни летови кон нашата земја ја одложија резервацијата на билети за крајот на јуни или почетокот на јули.

извор: мета.мк