Кошаркарската федерација продолжува да вложува во развојот на најмладите
Кошаркарската федерација повторно ќе биде дел од развојниот проект во кој досега двапати беше дел како партнерска федерација заедно со Косово, Турција, Романија и Бугарија.
Кошаркарите и кошаркарките во рамки на оваа трета генерација ќе бидат на возраст од 12 до 14 години, кои низ два годишни национални кампови и пет меѓународни турнири ќе се изградат на спортски и социјален план. За првпат е ставен акцент на работа со најмладите категории – 12 и 13 години со можност на тренерите кои ќе ги водат соодветните генерации да вклучат и помали кошаркари и кошаркарки. Третата генерација на млади и перспективни кошаркарски таленти, момчиња и девојчиња, КФСМ ќе ја реализира во текот на наредните две години почнувајќи во јули 2020 година доколку условите го дозволат тоа земајќи ја предвид пандемијата од COVID-19.
Впрочем ова претставува истовремено и најдолгорочен проект, кој ќе влезе во петта година во низа на спроведување, како и најуспешен мултиетнички, мултинационален проект во кој се вклучени пет држави.
Тековниот проект, втората генерација од проектот, моментално е во прекин поради пандемијата од COVID-19.