Ковачевски: Со поддршка на Владата, обновени речиси сите училишта во Охрид
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска беше во работна посета во Охрид за да изврши увид во работите на реконструкцијата на Државното средно училиште и Регионален центар за стручно образование и обука “Ванчо Питошески“.
По обиколката на училиштето, во кое е вклучен и ученичкиот дом за сместување на учениците од регионот, и увидот во прогресот на реновирањето на објектите на државниот центар, премиерот Ковачевски даде изјава за медиумите која што ви ја пренесуваме во целост:
Најпрво, би сакал да ви се заблагодарам за гостопримството и за навистина информативните разговори кои ги направивме додека ги разгледувавме сите интервенции направени тука во Државното средно училиште и Регионален центар за стручно образование и обука “Ванчо Питошески“ во Охрид.
Практичното образование е одличен системски решен начин на градење вештини потребни на пазарот на работна сила. Со ова им се дава шанса на младите луѓе да се стекнат со квалитетна практична настава и можност да се насочат кон професии кои се навистина барани на пазарот. Тие имаат поголема шанса да се вработат и да остварат приходи веднаш после завршувањето на образованието. Со пристапот, поттикнуваме и потесна соработката меѓу компаниите и училиштата и овозможуваме побрзо и поедноставно да се покрие на недостигот на стручен кадар кој сѐ уште постои.
Драго ми е дека денес имав прилика да направам увид во работите за целосно реновирање и реконструкција на едно од најстарите средни училиште во земјата, училиштето во кое денес сме присутни, “Ванчо Питошески“, овде во Охрид. Со повеќе од 108 милиони денари од буџетот на Министерството за образование и наука целосно се реновира училишниот објект, вклучително и ученичкиот дом кој е дел од овој регионален центар. Предвидено е и да се набави врвна професионална опрема за практична работа за усовршување на стручноста на учениците во угостителството и врвното хотелиерство.
Оваа инвестиција која ја прави Владата и Министерството за образование и наука е влог во иднината на младите луѓе и во Охрид и во земјата. Системскиот пристап за формирање на стручен кадар со знаење и вештини релевантни за потребите на индустријата е начин кој пред сѐ ќе им овозможи на младите луѓе да станат поконкурентни на пазарот на труд но и да си ја креираат својата професионална иднина дома.
Но, сакам да истакнам дека ова не е единствената успешна приказна за трансформацијата на училишните објекти во Охрид и охридско во современи објекти. Речиси и да нема необновено основно или средно училиште со поддршка на Владата.
За сите основни и средни училишта се обезбедија нови покриви, нова енергетски ефикасни прозорци, врати и фасади, нови подови и санитарни јазли.
Изградени или обновени се повеќе спортски сали, набавена е нова училишна опрема и соодветни нагледни средства за кабинетите за стручните предмети.
Сметам дека тоа е вистинскиот начин на кој ние како Влада, треба да се грижиме за нашите ученици и притоа да им овозможиме што подобри услови за развој.
За крај, сакам да потенцирам дека наставниците се исто во нашиот фокус, тие се столбот на кој се потпираме и кои несебично се вложуваат за идните генерации.
И понатаму го сметам за неодговорно блокирањето на законот во Собранието кој за 4.500 наставници предвидува решавање на статусот со вработувањето и зголемување на платите.
Со зголемувањето од 10% во 2020 година, заедно со претходните покачувања, два пати по 5% за само една година, вкупното покачување на платите во основното, средното, високото образование и во науката, ќе изнесува 20,6%. Ова е нашиот сериозен влог во грижата за стандардот на вработените во образованието и науката.
https://youtu.be/UJx1NBHsRr4