Кристина Марти Ланг во посета на Република Македонија
На 19 и 20 февруари 2018 година, во работна посета на Република Македонија престојуваше заменик државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Швајцарската Конфедерација, Кристина Марти Ланг.
За време на посетата, во Министерството за надворешни работи се одржаа политички консултации меѓу делегации од македонското и швајцарското министерство за надворешни работи, кои ги предводеа државниот секретар, Виктор Димовски и заменик државниот секретар, Кристина Марти Ланг.
Разговорите опфатија повеќе теми од заеднички интерес, како што се развојот на билатералните политички односи и на економската соработка, Швајцарската развојна програма во Македонија, ЕУ и НАТО перспективите на Република Македонија, односите на Република Македонија со соседните земји, односите Швајцарија-ЕУ, соработката меѓу двете земји на мултилатерален план и др.
Државниот секретар Димовски и заменик државниот секретар Марти Ланг ја реафирмира подготвеноста на Македонија и Швајцарија за натамошно унапредување на политичките односи меѓу двете земји и за поттикнување на економската соработка. Државниот секретар Димовски упати благодарност до швајцарската Влада за нејзината долгорочна помош за Република Македонија со која се поддржува развојот на земјата во повеќе сфери.
Заменик државниот секретар Марти Ланг беше примена и од министерот за надворешни работи Никола Димитров.