Кривична пријава против две лица за лихварство
Единицата за економски и компјутерски криминал до надлежното Основно јавно обвинителство во Скопје поднесе кривична пријава против В.М.(45) од Валандово и А.М. од Скопје, поради основано сомнение дека сториле кривично дело „лихварство“, предвидено и казниво по чл. 260 од Кривичниот законик.
Имено, второпријавениот, во својство на вработен во правно лице од Скопје, во периодот од 2018-2020 година во име и за сметка на подружницата на заложна куќа, иако знаел и бил свесен дека подружницата нема овластување за давање на пари на заем, бидејќи не поседува дозвола за овластување за кредитно посредување, на веб страна за купопродажба, во име на подружницата, поставил оглас за давање на заем на парични средства по различни основи, а како контакт го оставил својот телефонски број.
Тој прво усмено договорил давање на позајмица на оштетените Д.Ј., Д.С., М.С., П.Р. и С.Р., а потоа и ги навел кон склучување на писмени договори со првопријавената, во својство на овластено лице за подружницата.
Првопријавената, иако знаела дека правното лице не поседува такви овластувања, склучила договори за заем на парични средства со засновање на заложно право врз недвижен имот (хипотека) и анекси на договорите со оштетените. Имено, В.М. за дадените заеми во вкупен износ од 3.413.180 денари или 55.278 евра, на оштетените им пресметала паричен износ кој требало да биде вратен во висина од 5.571.579 денари или 90.155 евра, иако требала да им пресмета максимален паричен износ кој треба да го вратат од 4.282.060 денари, односно 69.289 евра.
Со преземените дејствија таа, како заемодавач, пресметала камата во висина од 2.155.398 денари, односно 34.877 евра, иако максималната камата која можела да биде пресметана согласно највисоката законска казнена каматна стапка можело да изнесува 865.879 денари или 14.011 евра, со што се стекнала со несразмерна имотна корист во вкупен износ од 1.288.962 денари или 20.857 евра.