Кривична пријава за измама: Тетовка нудела вработување за пари повикувајќи се на контакти со министерот
Секторот за внатрешни работи Тетово до ОЈО Тетово поднесе кривична пријава против А.А. (родена 1971) од Тетово поради постоење на основано сомнение дека сторила кривично дело „измама“ предвидено и казниво по член 247 од Кривичниот законик на Република Македонија и на штета на пет лица се стекнала со имотна корист од вкупно 1980 евра, 100 американски долари и 37.000 денари.
На 22.01.2018 К.Б. од Тетово пријавила дека била измамена од А.А., со која се запознале на 28.12.2017 година и која и кажала дека за одредена парична надокнада може да ги вработи нејзините два сина во државната администрација. А.А. ја убедувала К.Б. дека има контакти со влијателни владини функционери, конкретно со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. По неколку дена К.Б. ги обезбедила потребните документи за наводното вработување, но бидејќи едниот син имал само средно образование, А.А. се понудила за надокнада од 500 евра да му обезбеди диплома за завршено високо образование. Со оглед на тоа дека и сопругот на К.Б. бил невработен и се обидувал да обезбеди американска работна виза, но патната исправа му била пред истекување, А.А. се понудила дека ќе „помогне“ и за тоа за надокнада од 100 американски долари. Според договорот,К.Б. и исплатила на А.А. 1320 евра и 100 американски долари.
Откако ги исплатила парите, К.Б. повеќе пати контактирала со А.А. за да ја праша зошто не се реализираат ветувањата и да побара да и ги врати парите доколку не може да ја заврши работата, а потоа ја пријавила измамата во СВР Тетово. Веднаш по пријавата, била обезбедена А.А. и во извршениот раговор таа го потврдила пријавениот настан, а кажала и дека на ист начин земала пари од уште четири лица од подрачјето на Тетово и Куманово, ветувајќи им дека ќе ги вработи како наставници во основни и средни училишта и други работни места.
По целосното документирање на случајот до ОЈО Тетово е поднесена кривична пријава против А.А. поради постоење на основано сомнение дека сторила кривично дело „измама“ предвидено и казниво по член 247 од Кривичниот законик на Република Македонија.