23/11/2024
Охрид

Кривична пријава за три лица поради злоупотреба на службена положба и овластување

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Ж.Л.(58) и Г.А.(39), двајцата од Скопје и против А.Ш.(58) од с.Горна Бањица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Во текот на 2017, првопријавениот и второпријавената, вработени во Министерство за правда – Биро за судски вештачења Скопје, во својство на вешти лица и третопријавениот, во својство на надворешен соработник во Бирото за судски вештачења Скопје, при постапување по Наредба за супервештачење на градба во с.Лескоец, охридско, издадена од Основниот суд Охрид, неосновано донеле заклучок дека не можат да се констатираат пенали за непочитување на договорот за градба од фирмата изведувач, иако градежниот дневник на фирмата не бил воден исправно и секојдневно, при што се повикувале на надзорниот орган од Струга. Како резултат на наведените дејствија, инвеститорот го изгубил правото за надомест на штета, со што бил оштетен за износ од 448.500 денари.