23/11/2024
Македонија

Кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување

 Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против В.П. (39) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, казниво по член 353 став 5 во врска со став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик на Република Македонија.

В.П., како вршител на должност – директор на Агенцијата за вработување на Република Македонија, во текот на 2016 година спротивно на Законот за јавни набавки, без спроведена законска постапка, на правно лице од Скопје му доделил работни задачи (санација на објект). На тој начин овозможил правното лице противправно да се стекне со имотна корист од 416.304 денари и за таа сума го оштетил буџетот на Република Македонија.

Исто така, пријавениот во периодот од 28.10.2015 до 30.10.2016 година, спротивно на Правилникот за користење на службени моторни возила сопственост на Агенцијата за вработување и без одобрување од Управниот одбор, на 28.10.2015 година склучил Договор за меѓусебна техничка соработка со Министерството за труд и социјална политика при имплементација на активни програми и мерки за вработување. По основ на тој договор, на Министерството за труд и социјална политика му отстапил на користење четири возила сопственост на Агенцијата за вработување. За отстапените возила, В.П. дал на користење и картички за гориво со одреден лимит за две бензински пумпи. За да овозможи користење на картичките за гориво бензинските пумпи, пријавениот издал и дупли идентификациони картички на име на лицата вработени како возачи во Агенцијата за вработување, a без нивно знаење. Со користење на картички за гориво, во периодот од 28.10.2015 до 30.10.2016 година, било полнето гориво во вкупен износ од 427.817 денари на штета на буџетот на Република Македонија.

Со ваквите дејствија, В.П. го оштетил буџетот на Република Мкедонија за вкупен износ од 844.121 денари или 13.725 евра.