Кривична за двајца охриѓани поради фалсификување исправа и употреба на исправа со невистинита содржина
Секторот за внатрешни работи Охрид поднесе кривична пријава против Р.Џ.(48) од Охрид за сторено кривично дело “фалсификување исправа” и против Ж.Т.(69) од Охрид за “употреба на исправа со невистинита содржина”.
Во текот на септември 2017 година, Ж.Т. од Швајцарија увезол патничко моторно возило „мерцедес“ (ЕУРО-3 стандарт) по што стапил во контакт со Р.Џ. со цел да му ги заврши шпедитерските работи во врска со увозот на предметното возило во Македонија. По ова, првопријавениот за одреден паричен надомест изготвил лажен купопродажен договор во кој навел дека во текот на октомври 2008 година, во Швајцарија склучен е договор помеѓу Мерцедес-Швајцарија како продавач и второпријавениот како купувач на возилото за износ од 4.000 швајцарски франци. Договорот го заверил со фалсификувани потписи во име на странките, иако (според оригиналниот договор) истото возило е купено во октомври 2002 во Швајцарија од овластен застапник на Мерцедес за 50.043 швајцарски франци, и истиот го употребил во понатамошните постапки пред Бирото за метрологија за отворање на постапка за идентификација и добивање согласност за регистрација. По ова, второпријавениот, знаејќи дека е изготвен лажен купопродажен договор за истото возило, заедно со друга пропратна документација на 19.10.2017 година го употребил како вистински, при поднесување барање за регистрација во ОУР-Охрид, а притоа бил свесен дека не се исполнети законските услови за регистрација.