22/11/2024
Македонија

Кривични пријави за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија

Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал до надлежното Основно Јавно Обвинителство во Скопје поднесе кривична пријава против Р.Р.(38) поради постоење основи на сомнение дека сторил кривични дела „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ и „фалсификување исправа“ во врска со кривично дело „посебни случаи на фалсификување исправи“ и против А.Р.(43) поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „фалсификување исправа“.

Првопријавениот во својство на сопственик на правно лице, во кое управител бил второпријавениот, во период на постоење на вонредна состојба и Одлука за забрана и посебен режим на движење на територијата на РСМ, си издал дозвола за движење во период од 16.00 до 21.00 часот и покрај тоа што немал регистрирано сменска и ноќна работа. Притоа, во два наврати бил сопрен и контролиран од страна на полициски службеници и на увид ја приложувал лажно изработената дозвола.

Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал до надлежното Основно јавно обвинителство во Скопје поднесе кривична пријава против Е.С.(18) поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.

Пријавениот, на 21.04.2020 во 23:00 часот, во време на забрана за движење, како возач на патничко возило бил запрен од полициски службеници, при што на увид приложил дозвола за движење од 10.00 до 22.00 часот, која немала важност во време кога пријавениот бил сопрен и контролиран.

Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал до надлежното Основно јавно обвинителство во Скопје поднесе кривична пријава против А.К.(40) поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. Пријавениот А.К., во својство на сопственик и управител на правно лице, во период на постоење на вонредна состојба и Одлука за забрана и посебен режим на движење на територијата на РСМ, си издал дозвола за движење во периодот од 14.00 до 19.30 часот и покрај тоа што немал регистрирано сменска и ноќна работа. Притоа, на 22.04.2020 бил сопрен и контролиран од страна на полициски службеници и на увид ја приложил таа дозвола.