02/02/2025
Спорт

Квалификации за СП 2026: Македонија во група со Белгија, Велс, Казахстан и Лихтенштајн

Денеска во Цирих, Швајцарија се одржа ждребот за квалификациите за пласман на СП, кое ќе се одржи во САД, Канада и Мексико во периодот од 11 јуни до 19 јули 2026 година.

Нашата најдобра репрезентација се наоѓаше во третиот шешир и на денешното извлекување за ривали ги доби селекциите на Белгија, Велс, Казахстан и Лихтенштајн, во рамките на групата Ј.

Квалификациите за пласман на СП 2026 ги стартуваме во март.

Благоја Милевски: Добивме група која ни носи надеж

На извлекување во Цирих, македонската А репрезентација ги дозна противниците во група за пласман на Светското првенство 2026 година во САД, Канада и Мексико. 

Нашата најдобра селекција е во група со Белгија, Велс, Казахстан и Лихтенштајн. Селекторот на македонската рперезентација, Благоја Милевски смета дека групата носи надеж за неговиот тим и доколку ја задржиме енергијата и позитивниот дух од последните натпревари од Лига на нации, може да се надеваме на добри резултати. 

Благоја Милевски – селектор на македонската А репрезентација: 

“Извлекувањето во Цирих ни носи надеж.

Добивме група со репрезентации со кои може да играме и да се надеваме на добар пласман. 

Белгија е голем фаворит. Една од најсилните светски селекции и ќе биде големо изненадување доколку не успее да го освои првото место во оваа конкуренција.

Велс е одлична репрезентација, тим кој игра динамичен и брз фудбал. Се разбира дека влегуваат со свои пресметки за конечниот пласман во групата, но убеден сум дека можеме да се спротивставиме на вистински начин. 

Казахстан и Лихтенштајн можеби немаат позитивни резултати во последните квалификациски циклуси, но секој нов почеток е нова надеж и за условно, помалите репрезентации во групата. 

За мене е важно ние да го задржиме истиот пристап како на последните натпревари од Лига на нации, силно мотивирани да влеземе во квалификациите и да одново да се бориме за резултат кој може да ни донесе можност за евентуален пласман на големо натпреварување”. 


WebOhrid / 13.12.2024 / ФФМ