Квалитетно образование за раст, резултати и подобра иднина
Министерката за образование и наука, проф. д-р Рената Дескоска денеска учествуваше на меѓународната конференција „Квалитетно образование за раст, резултати и подобра иднина”, настан во организација на УНИЦЕФ.
Целта на конференција е да даде насоки, како и препораки за тоа што треба да направиме како држава за да го подобриме и подигнеме квалитетот на образованието за нашите ученици во иднина да имаат респектабилни резултати на светско ниво. Учество на оваа конференција земаа истакнати меѓународни образовни експерти кои дискутираа и дадоа свои препораки и гледишта за идниот развој на образовниот систем во државата.
Министерката Дескоска ја отвори сесијата посветена на различните перспективи и предизвици во обезбедувањето квалитетно образование, при што ги потенцираше клучните проблеми и предизвици на македонскиот образовен систем и говореше за клучните реформи на сите нивоа на образование.
IMG 1255
Почнувајќи од предучилишното образование, Дескоска напомена дека „јавноста кај нас го перципира образованиот систем само преку основното, средното и високото образование, но не треба да се заборави ниту предучилишното образование, односно коренот на воспитување и образување на учениците“.
„Згрижувањето не е единствената функција на градинките, туку тие се и основата за успешно прилагодување на наставните програми и материјали во основното училиште. Праксата покажала дека децата кои ги посетувале градинките се поподготвени за следење настава и совладување на материјата, отколку оние деца кои биле воспитувани во домашни услови“, истакна Дескоска.
Министерката Дескоска се осврна и на моменталната ситуација во основното и средното образование. Преку отпочнатите реформи во образованието, таа најави крај на воведените експериментални практики во образовниот систем, но и воспоставување на темели на нов и квалитетен образовен систем, по што ги подвлече клучните реформи во образованието, „каде главен столб ќе биде воспоставувањето и градењето на партнерскиот однос меѓу наставниците и учениците, намалувањето на бројот на часовите, особено во основното образование, како и намалување на бројот на ученици во паралелките. Таа најави и можно пилотирање на дел од реформите пред нивното имплементирање во образовниот систем.
Досегашната анализа, истакна Дескоска, во областа на општото средно образование утврди дека, наставните планови се преоптоварени и сè уште постојат наставни програми што се застарени и не овозможуваат континуитет на когнитивниот и социо-емоционалниот развој на учениците, не ги поддржуваат модерните пристапи за одржување на наставата и не ги отсликуваат актуелните социјални процеси.
Слични беа забелешките и во поглед на средното стручно образование, при што министерката напомена дека истото и понатаму не привлекува доволен број на ученици.
„Забележливо е несовпаѓањето меѓу понудата на кадри од системот за средно стручно образование и побарувачката на пазарот на работна сила, како и дека системот за воведување на нови квалификации во стручното образование и обука е нефлексибилен и неделотворен, а соработката со бизнис сектор за конкретна практична обука на учениците и учење во работна средина е неефикасна“, забележа Дескоска.
Покрај изготвувањето на Законот за високото образование, министерката најави и подигигнување на квалитетот на високото образование преку преку дополнително подобрување на работата на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование, како и подобрување на материјалната и методолошката основа на високото образование.
Понатаму, министерката говореше за Сеопфатната стратегија за образованието, при што потенцираше дека клучните цели на Стратегијата се воведување програма за рано учење и развој за деца на возраст 5-6 години, со цел да се поддржи нивното успешно преоѓање во основното образование, како и промовирање на интеграцијата на ученици кои припаѓаат на различни етнички заедници, преку заеднички наставни и воннаставни активности, заедничко учење на јазици, подобрување на просторните услови за интеграција,осигурување на меѓучовечки и меѓукултурните социјални и општествени компетенции.
На крајот од сесијата, министерката Дескоска одговараше на прашања на публиката.