Ласкова: Правиме сериозни чекори за правата на жените во Македонија
Координаторката на Форумот на жени на СДСМ, Цветанка Ласкова во своето обраќање на Осмомартовскиот марш во организација на Форумот на жени на СДСМ посочи дека за неколку месеци колку што СДСМ ја има власта направени се сериозни чекори коишто ги подобруваат правата на жената во Македонија
„Собранието и парламентарното мнозинство предводено од СДСМ ја ратификуваше Истанбулската конвенција. Тоа значи дека Македонија конечно влезе во групата на држави кои се вклучуваат во целосно искоренување на семејното насилство и насилството врз жените. Нашите сограѓанки шивачки, кожарки, конфекционерки, и вработени во индустријата за обувки веќе не се дискриминирани и понижувани. Денес, тие земаат еднаква минимална плата како и работничките и работниците во останатите индустрии. Се градат детски градинки кои ќе овозможат поголемо вклучување на жените на пазарот на труд. Ова, како и низа други мерки што беа спроведени во изминатиот период, ја покажуваат нашата посветеност во промоција и унапредување на статусот на жената.“ порача Ласкова.
Координаторката Ласкова пред присутните истакна дека СДСМ како на централно, така и на локално ниво прави сериозни чекори за унапредување на правата на жените.
„Во периодот пред нас продолжуваме да работиме на низа мерки што ги унапредуваат правата и статусот на жените како што се подобрувањето на правата на жените работнички, унапредување на родово одговорното буџетирање во сите институции и во процесите на реформа на јавните финансии, нов Закон за заштита од дискриминација којшто ќе го вклучува родовиот идентитет како основ за дискриминација, како и инвестиции во сервиси на локално ниво. Сите овие мерки придонесуваат за економски стабилни и спокојни семејства, за нормален и квалитетен живот во Македонија каков што заслужуваме.“ порача Ласкова на маршот во чест на 8 март, во организација на Форумот на жени на СДСМ којшто годинава се одржува под мотото „Заедно можеме! Со љубов за Македонија!“