Лазар Четиридневниот и Преподобниот маченик Андреј
Преподобниот маченик Андреј
Христијански свештеник роден на Крит. Во времето на гонењето на иконите се покажа како голем поборник на иконопочитувањето. За да го изобличи злочестивиот цар Копроним за неговото иконоборство, Св. Андреј отиде во Цариград. Еден ден царот беше во црквата на Св. маченик Мамант. Андреј влезе во црквата, застана пред царот и јавно пред сите го укори: „Подобро ќе беше цару да си ги гледаш војничките работи и да управуваш со народот одошто да Го гониш Христа и Неговите слуги.“ За ова Св. Андреј беше многу биен и мачен и влечен по улиците. Еден еретик го удри со секира и го уби. Така ја предаде својата света душа на Бога, во 767 година. Неговите мошти се извор на исцеленија за болните.
Лазар Четиридневниот
Главното празнување му е на 17 март и на Лазарова Сабота во Чесниот Пост. Под денешниот датум се празнува преносот на неговите мошти од островот Кипар во Цариград. Царот Лав Мудриот изгради храм на Св. Лазар во Цариград и неговите мошти ги пренесоа таму во 890 година. Кога после близу илјада години го откопаа Лазаровиот горб во градот Китија на Кипар, најдоа мермерна плоча со натпис: „Лазар Четиридневниот, пријател Христов.“