22/11/2024
Охрид

ЛДП: Дали станува збор за тивко партиско преобојување на симболот на Општина Охрид?

ОО ЛДП Охрид испрати соопштение во кое реагира на менувањето на бојата на официјалното лого на Општина Охрид:

„ЛДП несакајќи да биде опонент по секоја цена ја премолчи неовластената промена на боите на симболот на Општина Охрид за време на промоцијата на двокатниот автобус каде беше поставена налепница во целосно различни бои од официјалните бои на симболот на Општина Охрид.

Имено денес, повторно, во обидот за регулирање на цените на такси превозниците, односно новите официјални налепници со цени, не се во согласност со официјалната боја на Општина Охрид. Симболиката на боите на симболот на општина Охрид е многу јасна и не станува збор за партиска обоеност туку напротив станува збор за бои кои го симболизираат Охридското Езеро. ЛДП е голем противник на партиско обојување на Општина Охрид без оглед на тоа кој е во моментов власт или опозиција.

Од друга страна, сите знаеме дека официјалните дресови на спортските клубови во Охрид, официјалните документи од Општина Охрид како и нејзината промоција надвор од границите на оваа земја е под боите на тој симбол. Бегањето од симболот кој е автентичен за Охрид значи сериозно губење на долгогодишната ТРАДИЦИЈА.

ЛДП прашува дали ваквата промена на боите на симболот на Општина Охрид е ненамерна или пак станува збор за тивко партиско преобојување?

ЛДП бара од надлежните да одговорат дали доколку е направена промена на официјалните бои симболот на општината се застапени правните процедури на постапката?“ – стои во соопштението на ОО ЛДП – Охрид испратено до медиумите.