Лекарската комора одбележа 29 години од основањето
Лекарската комора одбележа 29 години од основањето: Благодарници за сите лекарите за значајниот придонес во справување со пандемијата
Во годината од еден до друг роденден, направивме многу, искрено се трудевме да одговориме на поставените цели и задачи но, сепак, најголемиот товар на кризата го понесоа нашите членови, докторите од сите нивоа на здравствениот систем кои во услови на пандемија професионално, посветено и пожртвувано се грижеа за здравјето на граѓаните, истакна претседателот на Лекарска комора на РСМ проф. д-р Калина Гривчева Старделова на свечениот настан по повод одбележување на 29 години од основањето на Комората. На настанот поздравни обраќаа имаа министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, директорот на Лекарската комора на Србија, д-р Милан Диниќ, заменик-претседателот на ЛКРСМ, д-р Илбер Бесими.
„Лекарската комора е горда на своите членови и изразува најдлабока почит, а во знак на благодарност за силната истрајност, упорност и несебична грижа за пациентите, им додели Благодарници за особено придонес за справување со пандемијата на сите 9.000 доктори на медицина кои активно се вклучени во здравствениот систем. Во изминатите месеци, пандемијата само ја потврди важноста на нашата професија, а нас ни покажа дека само заедно, сплотени, со интегриран пристап можеме да изнајдеме решение за проблемите со кои се соочуваме. Посебна почит искажуваме и кон лекарите кои битката за животот на другите ја платија со сопствениот живот “, рече проф. д-р Гривчева Старделова во своето обраќање.
Лекарската комора како почитувана, самостојна и независна професионална организација на докторите, изминатава година, во услови на здравствена криза кога имаше многу малку научни медицински сознанија и факти за новиот вирус, одговори на ниво на својата задачата и обезбеди помош и поддршка на докторите од сите нивоа на здравствениот систем со организирање на циклус од он-лајн средби со стручни предавања за различни медицински аспекти поврзани со препознавање и третман на ковид – 19 и неговите компликации. Паралелно со справување со пандемијата Лекарската комора ги реализираше и редовните програмски активности, како полагање на стручен испит, реализација на стручните достигнувања на докторите преку спроведување на обуките и проверката на стекнати стручни знаења, а го забрза и процесот на дигитализација со ставање во функција и на платформата за лекари, која овозможува не само дигитализирање на регистарот на лекари туку и надградба на редовното акредитирање на континуирана медицинска едукација. Со цел заштита на интересите на докторите, Лекарската комора во повеќе наврати влијаеше врз казнената политика на Фондот за здравствено осигурување и на Министерството за здравство, во однос на работата на здравствените институции и работници. Тие реакции вродија со позитивен исход бидејќи износите на казните, кои не беа за потценување, беа делумно или целосно укинати. Меѓу иницијативите кои ги покренуваше и поддржуваше ЛКРСМ се и залагањето за плаќање за дежурствата за докторите специјализанти кои беа во првите редови во ковид-центрите низ државата и за регулирање на статусот на вработен доктор, онаму каде што тоа беше можно. Комората посветено се залагаше и за зголемување на платите на лекарите, остварување на правото на годишни одмори, надминување на проблеми во врска со немање медицинска сестра во тимот.
„Она што сметаме дека беше најголем успех за ЛК на меѓународен план изминатата година е тоа што во ноември 2020 година ЛК стана член на Постојаниот комитет на европски лекари, кога Собранието на CPME едногласно ја прифати нашата апликација за членство. Постојаниот комитет на европски лекари (CPME) е можеби најзначајната организација во ЕУ, затоа што таа ги застапува своите членови пред институциите на ЕУ, обезбедува експертиза на највисоко ниво и во тесна соработка со Европската комисија учествува во креирањето на европски политики за прашања поврзани со здравството. Со членството на ЛК во ова тело се потврдува стручноста и експертизата на нашите лекари и релевантноста на Комората во вклучување во процесите за креирање на здравствени политики на ЕУ“, истакна проф. д-р Гривчева Старделова.
На настанот Комисијата за доделување на награди ја соопшти одлуката највисокото признание на Лекарската комора на РСМ, Плакетата “Св. Наум Oхридски” за 2020 година да ја додели постхумно на д-р Трајче Нешковски, доктор од ЈЗУ УК за пулмологија и алергологија.
„Д-р Нешковски беше млад лекар во подем, со големи потенцијал, исклучителен капацитет, искрена и посветена желба за работа. Прераната смрт застана на патот на неговите новите успеси и победи, но сепак д-р Нешковски останува да биде светол пример од кој младите лекари треба да учат за тоа што значи да се биде доктор. Со доделувањето на Плакетата “Св. Наум Oхридски” изразуваме благодарност до д-р Нешковски за значајниот придонес кој го даде, но и даваме поттик за неговите колеги да продолжат по патот кој тој го трасираше“, рече проф. Д-р Даница Поповиќ Моневска.
Посебната награда на Лекарската комора за најдобрите студенти на медицинските факултети во земјава, која го носи името на прим. д-р Димитар Ивановски, најдобриот студент од првата генерација на Медицинскиот факултет во Скопје, годинава ја добија Милена Гривчевска, Халиме Мена и Сара Димковска. Оваа награда се доделува на студентите со највисок просек од трите медицински факултети.
Лекарската комора е формирана на 5 јуни 1992 година. Иницијативата за формирањето на Комората ја покренуваат доктори од Македонското лекарско друштво. Прв претседател на Комората е проф. д-р Алексеј Дума.