Лекот Спинраза за третман на лицата со Спинална Мускулна Атрофија ќе стигне во Македонија
Од Премиерот Зоран Заев бевме информирани дека тој заедно со неговиот тим составен од Министерот за здравство Венко Филипче, Министерот за финансии Драган Тевдовски и Директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев, постигнале договор со компанијата – производител, за набавка на лекот Спинраза за третман на лицата со Спинална Мускулна Атрофија во Македонија, информираат семејствата на лица со СМА.
Останува во периодот кој следи, правните тимови на Владата и на производителот, согласно законите да го припремат договорот и истиот по официјално потпишување да влезе во имплементација.
„Би сакале да изразиме огромна јавна благодарност до Премиерот и неговиот тим за разбирањето и заложбите, во име на сите СМА пациенти и семејства во Македонија.
Огромна јавна благодарност и до сите наши пријатели, другари, соборци, активисти, граѓани, роднини, сите знајни и незнајни, за придонесот и поддршката во нашата позитивна кампања за добивање на лекот Спинраза“, – велат од СТОП СМА Македонија.