Летно промашување на организаторите: Античкиот театар празен за магичната моќ на музиката на Џијан Емин
Синоќа беше убаво да си на Антички театар во Охрид.
За жал, малкумина ја почувствуваа и ја доживеаа пријатната, ладникава магична ноќ, со, исто така, магичната моќ на музиката на Џијан Емин.
Поранешниот член на Архангел ја сподели својата музика, заедно со Македонската филхармонија и Здружението на џез музичари.
“Нурни длабоко”, требаше да биде илинденски подарок за охриѓани и нивните гости.
Меѓутоа, охридскиот Антички театар беше не полу-празен, туку празен!
Не дека не би имало интерес за едно вакво доживување.
Охрид не знаеше што синоќа му се нуди на неговата најатрактивна концертна сцена.
Слабата организација и никаквата промоција, уште еднаш го направија своето.
Не дека немаше доволно публика. Охрид, за продолжениот илинденски викенд, стенка под тежината на десетици и десетици илјади гости.
Познавачите велат дека никогаш порано македонскиот туристички центар не доживеал ваква навала.
Да се најде паркинг простор за возило е премија.
На најатрактивните плажи нема место, капачите се наредени еден до друг.
Напладне кон плажите – колони возила, навечер во обратен правец.
Охрид е полн како око!
В.М.