Левица: Депонија во ЈП Градски гробишта, а Буково повторно гори
„Група жители на с. Лескоец, чии куќи се наоѓаат во непосредна близина на градските гробишта, се обратија до ЛЕВИЦА – Охрид со надеж дека конечно некој ќе реагира за проблемот со кој се соочуваат со години. Помеѓу нивните куќи и градските гробишта се наоѓала нива, откупена од ЈП Градски гробишта, која била претворена во депонија. На таа депонија, најчесто во петок попладне се палел целиот отпад од гробиштата, венци, најлони и се’ друго и еден час по палењето, работниците си заминувале.
Освен тоа што воздухот во овој дел од Охрид е постојано загаден, куќите на жителите исполнети со непријатна миризба, жителите се исплашени и за безбедноста на своите домови, бидејќи не ретко се случувало огнот да се прошири кон куќите, со што се јавува потенцијална опасност од пожар, поради што често пати била повикувана и противпожарната служба, последен пат на 18 мај оваа година.
Да ја потсетиме надлежната инспекција и директорот на ЈП Градски гробишта на Законот за предизвикување општа опасност.
Член 288
Став(1) Тој што со пожар, поплава, експлозија или отровен гас, јонизирачко зрачење или друга енергија, или со друго општоопасно дејствие или средство ќе предизвика значителна опасност за животот или телото на луѓето или за имот од големи размери, ќе се казни со затвор од три месеци до пет години.
Дали градоначалникот Кирил Пецаков е запознаен со ваквата ситуација и дали воопшто има некаков план за еколошко справување со отпадот од градските гробишта?
Зошто директорот на ЈП Градски гробишта наместо да најде друго соодветно решение, врши незаконско дејствие со согорувањето на отпадот ?
Зошто ЈП Охридски комуналец не врши подигање на отпадот од градските гробишта?
Депонијата на градските гробишта гори, депонијата во Буково и понатаму гори. Додека се изгради регионалната депонија во Новаци, на охриѓани не им преостанува ништо друго освен и понатаму да дишат најзагаден воздух и да живеат во еколошки најзагадена животна средина.
Дали градоначалникот Кирил Пецаков има план за современо управување со отпад, практики за редуцирање на отпадот и рециклирање или ќе чека само на регионална депонија, а до реализирање на тој проект кој би бил корисен на општествено и еколошко ниво ќе треба да поминат уште многу години?! – стои во реакцијата од Левица ЛО Охрид.
WebOhrid / 07.06.2022 / Левица ЛО Охрид