26/11/2024
Охрид

Левица: Депонијата гори, изградбата на фабриката за отпад уште една предизборна манипулација

„Депониите во Охрид неконтролирано горат секојдневно, со што се продолжува со загадување на животната средина, а воедно се доведува во опасност и здравјето на охриѓани. Здравјето на секој граѓанин на Охрид секогаш треба да биде приоритет на секоја локална власт.

Но, СДСМ додека убедува дека името и јазикот се последна препрека за ЕУ, Охрид се гуши во смет и чад од депониите, со примитивните методи на управување за отпад, кои не соодејствуваат во ниту еден сегмент со европските практики.

Едно од многуте неостварени ветувања е и ветувањето за изградба на фабрика за отпад , која би била опремена согласно стандардите на ЕУ. На тој начин, СДСМ ветуваше дека ќе се овозможи одржување и ставање под контрола на значителни количини создаден отпад, намалување на потенцијалната опасност од создадениот отпад, како и минимални емисии во атмосферата, водата и воздухот.

Според нивното ветување, резултатите од изградбата на ваква фабрика се: затворање на депониите оценети како ризични по здравјето на луѓето, намалување на загадувањето на воздухот, искористување на енергетската вредност на отпадот, зголемување на приходот и создавање нови работни места.

Оваа фабрика требаше да биде изградена до 2019 година. Но, до денес нема ни трага од ова нивно ветување. Реалната слика од терен го говори спротивното. Врз основа на моменталната динамика и начинот на отстранување на отпадот, постоечката депонија може да се експлоатира уште околу 5 години. Во руралните средини на Општина Охрид нема поставено собирни садови, ниту пак се спроведуваат акции за собирање на градежен шут и друг тип на отпад, заради што на поголем број локации на Охридското крајбрежје или во НП Галичица се создаваат нелегални депонии.

Со ваквите свои постапки СДСМ уште еднаш покажа дека секогаш пред избори делува популистички и крајно лицемерно кон своите гласачи и исклучиво за своите партиски интереси, а не за интересите и потребите на граѓаните на Охрид и на градот кој ја има честа да биде прогласен за светско културно наследство.“ – стои во соопштението од Левица ЛО Охрид.