23/11/2024
Охрид

Левица: Македонската „елита“ со дивоградби го уништува Велестово

Партијата Левица – Локален огранок Охрид, испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Како што истакнуваат мештаните на с.Велестово и здруженијата „Велестово“, „Грашница“ и „Енхелеус“, веќе 20 години во ова атрактивно село кое се наоѓа во НП Галичица, неконтролирано никнуваат дивоградби чии сопственици  се поранешни и актуелни моќници од цела Македонија.  Дивоградбите, всушност се високи повеќекатници што е спротивно на препораките на УНЕСКО, во овој заштитен појас да нема повисоки градби од П + 1. Се градат и хотели и тоа без донесен урбанистички план.

Левица Охрид ги поддржува граѓаните и веќе споменатите здруженија во борбата против дивоградбите и урбаниот хаос во Велестово и упатува апел до  заспаната градежна инспекција во Охрид конечно да почне да ја работи својата работа за која е платена од граѓаните.

Јасно е дека со својата корумпираност добро профитираат создавајќи го овој урбан хаос во Охрид и ги полнат своите банкарски сметки, со што го уништуваат градот, поради што денес УНЕСКО ни дише во врат, а Охрид е доведен до ситуација да го изгуби статусот Град на УНЕСКО.

Токму поради тоа, урбаната мафија не треба да ја бараме во градежните претпријатија, туку во Секторот за урбанизам во Општина Охрид.

Предупредуваме дека трпението на граѓаните е веќе при крај и конечно се подготвени да се борат до крај со корумпираните надлежни служби, а Левица Охрид недвосмислено ќе застане во одбрана на интересите на граѓаните.“ – стои во соопштението од Левица ЛО Охрид.


WebOhrid / 03.03.2022 / Левица ЛО Охрид