Левица: Мауцкер во петок оди на продажба
Партијата Левица – Локален огранок Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:
„На денешната Комисија за урбанизам, со два гласа ЗА и еден глас ПРОТИВ беше изгласана точката за продажбата на некогашното стрелиште Мауцкер, со почетна цена од 70 денари по квадрат
За гласаа двајцата членови од ВМРО-ДПМНЕ Перчо Божиновски и Горан Маркоски, додека единствено против гласаше советникот на Левица, Виолета Аврамоска.
Со ваквото гласање, оваа точка ќе се најде на дневен ред на седницата на Советот на општина Охрид во петок.
Неповратното оттуѓување на општински имот е децениска пракса која е израз на неспособноста на владејачките елити за реализирање проекти од јавен интерес. Приватизацијата на јавен имот за интересите на поединци е енормна загуба за Охрид и Охриѓани.
Доколку градоначалникот Пецаков и неговата администрација нема визија и стратегија како да го оплемени овој простор и да го намени во интерес на сите жители на Охрид, тогаш не ја заслужува титулата татко на градот.
Мауцкер не смее да биде предмет на поткусурување за нечии тесно партиски и бизнис интереси!“ – стои во соопштението од Левица ЛО Охрид.
WebOhrid / 23.08.2022 / Левица ЛО Охрид