Левица: Над 250 илјади евра доделени на приватна фирма за украсување на Охрид
„За новогодишното украсување на градот Охрид, локалната самоуправа потрошила вртоглави над 256.757 илјади евра за изнајмување на новогодишни сијалички и светлечки материјали само во последниве 10 години. Овие реквизити се изнајмени од Друштво за трговија, производство и услуги „МЕТАЛ-ВАТ-ЕЛ ДООЕЛ“ увоз-извоз Скопје, додека другиот дел го спроведува ЈП „Комуналец“ – Охрид.
Низ годините наназад, сите досегашни власти предводени од двоецот СДС-ДПМНЕ ако умееја разумно да управуваат со парите, можеше до сега да направат многу повеќе за празничниот божиќен амбиент со тоа што ќе набават украси и реквизити кои ќе останат трајно во сопственост на општината. Преку одлевањето на парите и изнајмувањето на сијалички секоја година континуирано, локалните моќници го заштитуваат бизнисот на „МЕТАЛ-ВАТ-ЕЛ“ и сопствените интереси.
Овој начин на делење на тендери дополнително е доказ за недомаќинското трошењето на парите од страна на кадрите на СДС и ДПМНЕ, без да се земат предвид реалните потреби и приоритети на охриѓани.
Листа од последните 10 години кои изнесуваат 256.757 евра:
- 2015 год – 22,869 евра;
- 2016 год – 23,024 евра;
- 2017 год – 16,249 евра;
- 2018 год – 30,292 евра;
- 2019 год – 28,942 евра;
- 2020 год – 20,600 евра;
- 2021 год – 20,600 евра;
- 2022 год – 20,536 евра;
- 2023 год – 28,752 евра;
- 2024 год – 44,893 евра.
Со вакво нерационално работење, секоја година се одлеваат пари од општинската каса во приватните џебови, наместо јавните претпријатија да ги зајакнат своите капацитети во обезбедување услуги на граѓаните.
Левица јавно го повикува Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков за наредното новогодишно украсување да ги користи само јавните претпријатија, а се’ што недостасува како реквизити за украсување, да биде купено и да остане во сопственост на градот.“ – стои во соопштението од Левица ЛО Охрид.
Левица ЛО Охрид / 18.12.2024