Левица: Охридската болница итно да обезбеди кадар и 24 часовна здравствена заштита за децата во Охрид
Партијата Левица – Локален огранок Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:
„ЈЗУ Општа болница Охрид соопшти дека одделот за детски болести ќе работи и ќе извршува амбулантни прегледи на пациенти од 08 до 20 часот од понеделник до петок. За време на викенд и останатото време пациентите ќе бидат упатувани во ЈЗУ Општа болница Струга, додека не се обезбеди соодветен кадар за работа.
Најостро ја осудуваме оваа одлука на раководството на охридската болница и на Министерството за здравството, бидејќи оваа одлука значи дека децата во Охрид ќе бидат оставени без соодветна здравствена заштита.
Да му порачаме на министерот Венко Филипче дека охриѓани не примаат министерски плати за да можат своите деца да ги лекуваат во приватни клиники, дури голем број семејства не можат да патуваат ни до Струга. Со оглед на тоа дека децата дури и од Брза помош ги упатуваат во одделот за детски болести, апелираме до министерот под итно да најде соодветно решение и да им обезбеди на децата во Охрид здравствена заштита 24 часа седум дена во неделата.
Доколку министерот не е способен да ги решава проблемите во јавното здравство, покрај сите пропусти и трагедии што го одбележаа неговото работење, крајно време е да си поднесе неотповиклива оставка, бидејќи овој пат со ваквата одлука на охридската болница жртвите ќе бидат деца, а министерот ќе се соочи со гневот на родителите.“ – стои во соопштението од Левица ЛО Охрид.