26/11/2024
Охрид

Левица: Ослободителната пресуда за Усеини пример за неказнивоста на ДУИ

Партијата Левица – Локален огранок Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Вчерашната ослободителна пресуда за функционерот на ДУИ, Нефи Усеини, повторно демонстрира дека 20 години ниту еден функционер од редовите на партијата нема одговарано за криминал и корупција, иако истата е дел од секоја криминална коалиција.

Нефи Усеини, освен како сопственик на најголем број дивоградби во Охрид, познат е и како советник во Советот на Општина Охрид и тоа со два мандата.

За време на првиот мандат, советникот на ДУИ, во просториите на Општина Охрид, физички го нападна советникот на Беса, Џемаил Мена, а потоа, заедно со неговиот брат, го нападнаа Топалоски, по што со лекарски преглед утврдено е дека му се нанесени телесни повреди. Поради овој инцидент на двајцата браќа им беше одредена мерка притвор од 8 дена, по што беа пуштени да се бранат од слобода, за на крај да добијат ослободителна пресуда.

После оваа одлука на охридскиот суд, станува јасно дека владеењето на правото и демократијата се само празни флоскули под кои таканаречените проевропски партии ги спроведуваат своето насилие и криминал.

Последниот физички напад кој го изврши контроверзниот бизнисмен и советник на ДУИ, Нефи Усеини, се случи пред неколку дена, кога во просториите на Општина Охрид истепа 56 годишен сограѓанин, кој учествувал во наддавањето за тезгите на кејот на Охрид, само поради тоа што се осмелил да учествува во наддавањето.

Дали немоќта на институциите кои треба да се справат со овој насилник доаѓа од фактот што ДУИ веќе 20 години, не само што е власт, туку е и газда во Република Македонија, или пак Нефи Усеини со своите валкани пари, заработени од неговите сомнителни бизниси, успешно ја купил својата неказнивост?“ – стои во соопштението од Левица ЛО Охрид.


WebOhrid / 28.06.2022 / Левица ЛО Охрид