Левица: Патните трошоци од охридските пратеници се показател на нивната бесрамност
Партијата Левица – Локален огранок Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:
„Во држава каде што половина од населението не може да си дозволи три оброци на ден, четворица претставници во законодавното собрание од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Охрид и СДСМ Охрид од септември до февруари 2022 година, заедно потрошиле 340.775 денари. На врвот од листата охридски пратеници на кои му е исплатен патен надоместок се наоѓа Жаклина Лазаревска од СДСМ која потрошила 111.271 денари. Веднаш до неа, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ стои Лидија Петкоска која потрошила 101.385 денари и Александар Николовски со 76.429 денари (не му е вбројан платен надоместок за месец февруари) и на Лазе Таневски од СДСМ исплатени му се 51.690 денари.
Сакаме да ги потсетиме овие лица дека и редовниот автобуски превоз може да биде доволно комфорен за да стигнат до своето работно место – во парламентот, наместо да патуваат со приватни шофери и луксузни автомобили, затоа што народот памти и враќа.
Од СДСМ и ДУИ беше одбиена точката за законски измени предложена од Левица да биде ставена на дневен ред, односно од вкупно 108 пратеници, 89 гласаа „ПРОТИВ”, што значи не беше изгласан Предлог на Законот од Левица за укинување на патните трошоци на пратениците (кои имаат плати повисоки од 1.000 евра) и кратење на противуставното т.н. право на апанажа на пратениците од Собраните на Република Македонија. На овој начин СДСМ и ДУИ бесрамно го ограбуваат и така осиромашениот народ!
Политичката партија Левица и понатаму ќе има за цел да ги намали овие трошоци, а пратениците од Левица се единствените кои преку личен пример ја застапуваат целта да се укинат патните надоместоци и апанажата!“ – стои во соопштението од Левица ЛО Охрид.
WebOhrid / 05.05.2022 / Левица ЛО Охрид