Левица: Скандалозно е барањето за поскапување на водата за време на криза
Партијата Левица – Локален огранок Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:
„Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески, веќе со месеци се фотографира пред асфалтираните улици, како парите со кои се расфрла да се од неговиот џеб, а не пари од граѓаните.
Мизерно е во 21 век да се фалиш со асфалтирање на улици, водејќи веќе предизборна кампања, а уште помизерно и полицемерно е, додека ги трошиш парите од граѓаните, да им наметнуваш нови давачки.
Константин Георгиески повторно со нов предлог за поскапување на водата и тоа фиксен надомест за домаќинства 100 ден.а за останатите 120 ден. Ваквиот предлог на градоначалникот се случува за време на пандемија и економска криза, кога десетици илјади граѓани ги изгубија своите работни места, кога секое семејство одвај крпи крај со крај, кога потрошувачката кошничка станува се’ поскапа, а буџетот на секое семејство се’ потенок, кога претпријатијата и угостителските објекти работат со големи загуби.
Останува да се надеваме дека советниците едногласно ќе се изјаснат против поскапувањето на водата, во интерес на граѓаните.
Да ги потсетиме советниците и градоначалникот дека Советот на Општина Охрид носи одлуки, а градоначалникот е тој кој ги спроведува тие одлуки, а не обратно.
Да му порачаме на градоначалникот Георгиески и на неговата матична партија СДСМ, да запрат со партиски вработувања во Јавните претпријатија и да им објаснат на своите членови дека партиите не се биро за вработување. Јавните претпријатија се веќе превработени, а решението за таа превработеност не е поскапување на услугите.“ – стои во соопштението од Левица ЛО Охрид.