Левица: Студенчишки канал повторно го нема во нацрт-законот за Охридско Езеро
Партијата Левица – Локален огранок Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:
„Толку многу Закони се носат за заштита на Охридско Езеро, но никако еден од главните снабдувачи на езерото со чиста изворска вода која е од прва категорија, да најде место да биде ставен под заштита на државата. Студенчишката река (популарно или намерно наречен Студенчишки канал) ја нема ни во Законот за Студенчишко Блато, ниту во нацрт-Законот за Охридско Езеро.
Студенчишката река мора да се стави под посебна ЗАШТИТА поради своите природни карактеристики и поради врската на езерото со Студенчишките извори (надалеку прочуените Билјанини извори), како и поради нејзиното значење, каде засолниште во текот на зимата наоѓале голем број видови риби (пред се плашица, крапот), кои тука и “презимувале” поради неповолните услови во езерото. Влегувале наесен во Студенчишта 10-20, па и повеќе тони риба и напролет пак се враќале назад во езерото. Тука им била водата чиста, мирна и без бранови, со што за своето одржување до пролет трошеле многу помалку енергија од складираните резерви.
По се изгледа, она што е значајно за биодиверзитетот на Охридското езеро, властите само да го искористуваат како ПРОФИТАБИЛНО место каде што ќе издадат стотина везови за пловни објектите; место каде што ќе можат поединци да си ги средуваат кајчињата; место за исфрлање смет и за точење гориво со огромен РИЗИК од загадување на водата.
Ако Студенчишката река не се вклопи во некој од овие два закони и не ја заштитиме, таа во иднина ќе прерасне во ругло на градов, место коие поради некакви и нечии интереси не сме успеале да ја СПАСИМЕ од пропаѓање и уништување. Не смееме да дозволиме еден значаен сегмент од нашето најскапоцено природно езеро да биде запоставен поради незнаење или незаинтересираност.“ – стои во соопштението од Левица ЛО Охрид.
WebOhrid / 27.09.2023 / Левица ЛО Охрид