Левица: Во Охрид постојано никнуваат нови дивоградби
Локалниот огранок на Левица – Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:
„Деновиве, по бурната реакција на жителите на Трпејца, беше обелоденета уште една дивоградба, овој пат во ,,Националниот парк Галичица”.
Според локалното население, сопственикот на дивоградбата е вработен во ,,Националниот парк Галичица”. Во нивната реакција беше кажано дека ним им се рушеле обични ѕидчиња, а за оваа дивоградба никој не реагира.
Неколку прашања до градоначалникот Константин Георгиевски и до локалната самоуправа во Општина Охрид:
-Доколку е точно тврдењето на жителите на Трепејца, кој е тој вработен во ,,Националниот парк Галичица”, кој го штити и од каде му е храброста да гради во заштитен појас на НП Галичица?
-Зошто наместо да ги спроведувате препораките на УНЕСКО за рушење на дивоградбите, вам секојдневно ви никнуваат нови дивоградби?
-Дали вие како татко на градот, имате воопшто способност да се справите со урбаната мафија и конечно да постапите по препораките на UNESCO?
-Дали во Охрид постои градежна инспекција? Ако постои, зошто не функционира? Можеби поради страв од политичката елита и урбаната мафија, или поради корупција, која ја волја на вистината, длабоко е навлезена во секоја пора на нашето општество?
-Дали на градежните инспектори поморален чин им е молчењето, за кое најверојатно се платени од некого, или да си ја работат работата за која ги плаќа народот?“ – стои во соопштението од Левица – Охрид.