Лидерска средба кај претседателот Пендаровски: Заеднички консензус за одложување на изборите
Во Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска се одржа лидерска средба на која присуствуваа претседатели и претставници нa парламентарните политички партии од власта и од опозицијата кои на последните парламентарни избори освоија пратенички мандати со самостојни листи, како и претседателот на Собранието Талат Џафери и претседателот на Владата Оливер Спасовски.
На средбата од СДСМ присуствуваа Зоран Заев и Љупчо Николовски, од ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Гордана Силјановска-Давкова, од ДУИ Бујар Османи и Изет Меџити, од Алијанса за Албанците, Зиадин Села и Арбен Таравари, од Алтернатива, Африм Гаши и Скендер Реџепи, од Движење Беса, Билал Касами и Арјанит Хоџа и од ДПА, Орхан Ибрахими и Фрумзим Даути.
На средбата се постигна консензус дека предвремените парламентарни избори закажани за 12 април, поради состојбата со коронавирусот COVID-19 треба да се одложат.
Присутните го овластија претседателот Стево Пендаровски веднаш да свика состанок со истакнати правни експерти за да се изнајде правен модалитет за одложување на изборите. Средбата ќе се одржи денеска во 16 часот во Вила Водно, а ќе присуствуваат професорите Рената Дескоска, Гордана Силјановска-Давкова, Денис Прешова, Татјана Каракамишева-Јовановска, Јетон Шасивари, Светомир Шкариќ и Александар Спасов. На средбата ќе присуствуваат и претседателот на Собранието Талат Џафери и претседателот на Владата Оливер Спасовски.