Литургија во Ботун и промоција на книгата за ботунскиот храм
На 16.12.2023 година, на празникот на светиот пророк Софониј, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во с. Ботун, Дебрца, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Александар Димоски, свештениците Горан Ставрески и Драган Шуминоски и ѓаконот Марко Спасовски.
По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа.
Повод за овој собир, беше и издавањето на прекрасната монографија за храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Ботун, дело кое се издаде по повод два големи јубилеја: 150 години од сликањето на иконостасот во овој наш храм и 40 години Архиерејска служба на Митрополитот Тимотеј.
По завршувањето на Литургијата, ова монументално дело доживеа своја извонредна промоција преку прекрасното изложување на д-р Јехона Спахиу Јанчевска, промотор на оваа монографија. Свое обраќање имаше и проф. д-р Сашо Цветковски, дописен член на МАНУ, и еден од авторите на книгата, а благодарност кон сите упати и отец Александар Димоски, еден од авторите во книгата, кој е и по потекло од Ботун, а и без чиј ангажман ова дело и не би постоело.
Како знак на благодарност кон Митрополитот Тимотеј, кој секогаш стои и ги поддржува сите научни трудови во Епархијата па и пошироко, отец Александар му подари прекрасна панагија.
Дебарско-кичевската епархија на авторите им искажува благодарност за нивниот труд, и им посакува уште повеќе успеси и напишани трудови, и со нетрепение очекува уште многу нови откритија за нашите храмови и манастири, преточени во вакви прекрасни и неповторливи монографии.
WebOhrid / 16.12.2023 / Дебарско-кичевска епархија