Мајските оперски вечери во чест на Пучини, отвораат со „Боеми“
Во пресрет на 46-то издание на Мајски оперски вечери (МОВ), кои годинава ќе се одвива под мотото „Го славиме Пучини“, Македонската опера и балет најавува атрактивни претстави и многу гости …
По повод 160 годишнината од раѓањето на мајсторот на операта-Пучини, МОБ подготви програма од неговите најпопуларни дела, поддржани со гости солисти од целиот свет. Годинава, публиката на Мајските оперски вечери, во нејзината официјална програма, ќе може да проследи 5 оперски изведби, како и еден оперски и еден гала балетски концерт. Во рамките на програмата ќе бидат и две изложби како и две промоции на книги.
Свеченото отворање на овогодинешните оперски вечери ќе биде со премиера на операта „Боеми“, традиционално, на 9. мај. Приказната за животот на љубовниците Родолфо и Мими во Париз ќе се изведе под диригентската палка на Џанлука Мартиненги од Италија, во режија на Дејан Прошев. Во главните улоги ќе настапат солистите Ѓорѓи Цуцковски и Благица Поп Томова. На 12-ти мај, на програмата е изведбата на операта „Тоска“ под диригентската палка на Симон Кречич од Словенија, во режија на Огњан Драганов од Бугарија. Во улогите на Тоска и Каварадоси ќе ги видиме гостинката од Турција, Феријал Туркоглу и гостинот од Италија, Роберто Јулијано.
За 15 мај МОБ подготви Гала балетски концерт, со гости од Србија, Бугарија, Хрватска и Босна и Херцеговина како и со наши балетски првенци. На 19 мај е изведбата на операта „Турандот“. Диригент ќе биде гостинот од Италија, маестро Лоренцо Тациери, а режијата, сценографијата и костимографијата се на Џанкарло дел Монако. На 22 мај пак, Македонската опера и балет ќе биде домаќин на Босанската државна опера. Гостите ќе настапат со изведба на нивната најнова оперска продукција „Змеј од Босна“ од композиторот Асим Хорозиќ, а диригент е Нада Матошевиќ – Орешковиќ од Хрватска.
За 23-ти мај, предвиден е оперски концерт по повод 160 годишнината од раѓањето на Џакомо Пучини и 150 годишнината од смртта на Џоакино Росини. Диригент ќе биде Рафаеле Масколо од Италија, додека како гости солисти ќе се појават Екатерина Баканова, сопран од Русија, Линда Кампанела, сопран од Италија како и нашите оперски првенци.
Во рамки на МОВ ќе бидат организирани и изложба на постери и фотографии од изминатите изданија наманифестацијата, потоа изложба на дела од опусот на уметникот Васе Урдин и промоција на монографијата за оперската певица Зина Креља, сопран и првенец на операта. На 10 мај, пак, во фоајето на МОБ ќе се одржи промоција на најновата книга на Аки Нуредини, хуманитарец, вљубеник и голем пријател на оперската уметност.
Мајските оперски вечери ќе се затворат на 31 мај со традиционална изведба на операта „Аида“ под диригентство на маестро Бисера Чадловска.