Македонија да биде прва дестинација за инвестирање на турските компании
Позиционирана во центарот на Балканот; претставувајќи порта кон европскиот пазар од 500 милиони жители, со традиоционалните пријателски односи, поволностите кои ги нуди во бизнисот, Македонија заслужува да биде прв избор за турските инвеститори. Ова беше пораката пренесена до економските новинари од најпрестижните турски медиуми на денешниот настан што го организираше Стопанската комора на Македонија и Турција (МАТТО) во Скопје.
Претседателот на МАТТО Ајдован Адемоски посочи дека трговската размена од 400 милиони долари меѓу двете земји не е доволна, а целта треба да биде таа да достигне една милијарда. Во последниве 10 години Република Турција се позиционираше во првите топ 10-земји инвеститори во Македонија. „Добрите политички односи треба да се рефлектираат во економската соработка меѓу двете земји“, истакна Адемовски.
Министерот за економија Крешник Бектеши упати на стабилната и пријателска бизнис-клима, давајќи посебен осврт на мерките за финансиска поддршка на инвестициите. „Со неодамна донесениот Закон за инвестиции и План за економски раст понудивме цела лепеза од можности за финансиска поддршка на инвестициите, подеднакво за домашните и странските компании. Даваме поддршка за нови вработувања, за воспоставување и унапредување на соработка со добавувачи од РМ, за технолошки развој и истражување, за инвестициски проекти од значаен економски интерес, за зголемување на конкурентноста на пазарот, за освојување на пазари и пораст на продажбата“, подвлече Бектеши.
Пред Македонија се ЕУ и НАТО перспективите, особено значајни за безбедноста и сигурноста на вложувањата. „Земјата нуди и одлични можности за инвестирање, најмногу во слободните зони каде корпоративниот, персоналниот и данокот за опрема, вклучително и ДДВ се нула проценти, а одлични се условите и за гринфилд и за браунфилд инвестиции“, рече министерот за инвестиции Аднан Ќахил, дополнувајќи дека токму поради ваквите услови, производството во Македонија е 30 отсто поевтино во однос на другите земји.
Пред присутните, претставници на компаниите ТАВ, Џевахир Холдинг, Суташ, како членки на МАТТО ги претставија своите досегашни инвестиции во Македонија и најавија нови, со милионски суми. Од 11 компании во слободните економски зони, пет се турски. Според статистиката, од вкупниот број странски инвестиции во Македонија, 1,8 милијарди долари се турски.
Економските новинари од Турција пристигнаа вчера, а ќе престојуваат во Македонија до 8 јули. Целта на посетата, чиј домаќин е МАТТО, е да се информираат за економските услови и потенцијалите кои потоа би ги пренеле во својата земја.