Македонија до 21 година одигра нерешено 1:1 против Израел во квалификациите за ЕП
Македонската репрезентација до 21 година одигра нерешено 1:1 против Израел на домашен терен во натпревар од квалификациите за Европското првенство. Јани Атанасов со гол од слободен удар во судиското надополнување ја спаси од пораз македонската репрезентација.
Нашата млада селекција по осум натпревари во тековните квалификации останува на второто место на табелата со 14 бодови, два повеќе од денешниот противник. Шпанија е лидер со 19 бодови.
Во 22. минута, гостинската репрезентација го отвори резултатот. По корнер за Израел, нашиот голман Јанков кратко ја одби топката, а на втората статива осамен се најде напаѓачот Шај Елијас и непречен од никого ја смести топката во голот на Македонија.
Македонската репрезентација прв пат се закани во 48. минута преку ударот на Дарко Чурлинов, но нашиот напаѓач не беше прецизен. Пет минути подоцна, израелците од две добри прилики не ги искористија шансите за удвојување на предноста.
Во 55. минута, Изреал не искористи пенал. Митровски фаулираше во нашиот казнен простор, но Ристе Јанков извонредно го одбрани ударот од 11. метри на Алмог.
Во 65. минута ја пропуштивме најдобрата прилика за израмнување. Тошевски шутираше по убава акција, но дефанзивците на Израел успеаја да го блокираат неговиот шут. Чурлинов во 86. минута одново се обиде по одбиена топка, но повторно не беше прецизен.
Погодокот за израмнување го постигна Јани Атанасов во 95. минута, кога одлично шутираше од слободен удар за конечни 1:1.
МАКЕДОНИЈА: 1. Ристо ЈАНКОВ, 2. Оливер СТОИМЕНОВСКИ, 3. Филип АНТОВСКИ (Љавдрим Фазлиу 82`), 4. Тодор ТОДОРОВСКИ (Бојан МИОВСКИ 75`), 6. Есмин ЛИЧИНА, 7. Дарко ЧУРЛИНОВ, 8. Јани АТАНАСОВ, 9. Давид ТОШЕВСКИ (Марко ЃОРГИЕВСКИ 46`), 10. Давор ЗДРАВКОВСКИ (Ердон Даци 75`), 20. Томче ГРОЗДАНОВСКИ (Бојан ИЛИЕВСКИ 46`), 21. Димитар МИТРОВСКИ; Селектор: Благоја МИЛЕВСКИ;