23/11/2024
Македонија

Македонија е домаќин на првиот регионален Дигитален Самит за земјите од Западен Балкан

На 18ти и 19ти април Македонија ќе биде домаќин на еден од најголемите регионалните настани за оваа година – Дигиталниот Самит за земјите од Западен Балкан. Настанот претставува дел од Берлинскиот процес и има за цел регионална координација за приближување на регионот до Европската Унија.

„Македонија повеќе не е изолирана земја, туку се стреми кон што е можно поголема поврзаност со своите соседи и градење на добрососедски односи. Токму затоа, овие два дена фокусот ќе биде како да се зголеми дигиталното поврзување и соработка во ИТ сферата помеѓу земјите од регионот и ЕУ. Самитот ги поврзува на едно место претставниците од владите, бизнисите, регионалните организации, граѓанското општество, академската заедница и младите, со заедничка цел за размена на идеи и предлози и дефинирање на заедничко делување“, истакна министерот Манчевски.

Во последната Стратегија за Западен Балкан и за проширувањето на Европската унија, за прв пат значајно место има развојот на дигиталната агенда. Дигиталниот самит претставува единствена можност каде ќе се разговара за сите прашања нотирани во Стратегијата, како што се: намалување на цените на роамингот, сајбер безбедност, зголемување на дигиталните вештини на граѓаните. Официјалната програма на Самитот содржи четири панел дискусии за дигитални вештини, ИТ безбедност, дигитално поврзување и дигитална економија и општество.

„Учество ќе земат премиерите на државите од Западен Балкан и министри одговорни за дигиталната агенда. Исто така, на самитот ќе присуствуваат и земјите-членки на ЕУ кои учествуваат во Берлинскиот процес, Европската комисија, Советот за регионална соработка, претставници од ИТ индустриите и бизнис секторот, академската заедница, младите…“, посочи министерот Манчевски.

Составен дел на Дигиталниот самит ќе бидат и повеќе активности кои се отворени за сите заинтересирани граѓани.

Паралелно, овие 2 дена во СЦ „Борис Трајковски“ ќе има Експо, каде заинтересираните компании кои работат во дигиталната сфера ќе имаат можност да ја презентираат својата работа. Ќе има и дополнителни настани кои вклучуваат Дигитални разговори – отворена сесија за различни теми од областа на дигитализацијата за сите заинтересирани учесници, како и Конференција за борба против лажни вести.