Македонија како дел од водечкиот настан во туристичката индустрија – ITB Berlin, Trade Show
Македонија и оваа година е дел од водечкиот настан и центар на атракција за туристичката индустрија, кој влијае на искуствата за патување низ целиот свет- ITB Berlin, Trade Show.
Почнувајќи од 07-ми до 11-ти март, претставници на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Репубика Македонија (АППТ), на професионално организираниот македонски штанд, во позитивна и пријатна атмосфера, ќе ги запознаваат сите посетители со туристичките вредности на нашата земја.
Ентузијастички настроени, туристичките субјекти и претставници од приватниот сектор на Македонија, меѓу кои: ТА BADEM TOUR, Fibula Air Travel, TA Visit Macedonia, DMC Balkans, TA Enjoy Balkans, TA Bohemia, Macedonia Holidays, Park Hotel ги претставуваат своите туристички производи кои ги следат светските трендови. Македонскиот туристички сектор одржува чекор со туристичките трендови и креира понуди и аранжмани во зависност и координираност со истите.
Директорот на АППТ, г-дин Љупчо Јаневски оствари средби со претставници на Томас Кук- Белгија, Томас Кук-Азија, ТУИ-Холандија, Ауринко, Нордика- Естонија, Визит Балкан-Полска. На состаноците, со дел од нив се дискутираше за можностите за продолжување на партнерските односи и отпочнување на нова соработка, со цел зголемување на туристичкиот промет во Македонија.
Во дискусијата директорот Љупчо Јаневски, потенцираше на фактот дека Македонија со својата богата понуда стана дел од светската мапа на атрактивни и привлечни туристички дестинации во регионот, за туристи од целиот свет. Македонија со гордост може да им понуди на своите гости голем број на содржини од културен и забавен карактер, затоа што е специфичен спој на цивилизациски, културни, природни убавини и реткости.
Македонскиот штанд беше посетен од амбасадорот на Република Македонија во Берлин, г-дин Сашо Марковски. Во контекст на ова, амбасадорот ги истакна позитивните реакции од сите инволвирани туристички професионалци на саемскиот настап во Берлин и различните и уникатни туристички можности кои ги нуди Македонија на светските туристи.
“ITB Berlin” е најголемиот туристички настан и саем за туризам во светот. Како интернационален бренд и приказна која разви светски успех, нуди единствена можност на едно место да се запознаете со различни земји и региони низ целиот свет.
Од првите почетоци во 1966 година се до денес, “ITB Berlin” поздравува околу 10.000 изложувачи од повеќе од 180 земји и региони. Градовите, тур-операторите, авиокомпаниите, хотелите, медиумите и другите туристички ентитети кои се занимаваат со туризам се претстават себеси и своите услуги и ги инспирираат светските патувачи.
Изложбениот простор од 150.000м2 на “ITB Berlin”, секоја година ги исполнува светските стандарди во туристичкиот бизнис. Замислен како B2B платформа, трговските субјекти имаат многу можности да ги прошират своите контакти и да градат партнерски односи со изложувачите, кои преку квалитетни понуди и разни настани го привлекуваат вниманието на 180.000 посетители.
За сите други кои го посетуваат “ITB Berlin”, саемот е одличен начин да го откриете целиот свет во рок од неколку часа.