22/11/2024
Македонија

Македонија ќе прослави заради деценискиот успех на оваа генерација граѓани

Прославата по повод поканата на Република Македонија за членство во НАТО и по повод датумот за преговори за членство во ЕУ, се организира врз основа на Одлука и заклучоци од Седница на Владата на Република Македонија, одржана на 10.07.2018 година.

Согласно законските прописи Владата започна соодветни постапки за реализација и формираше организационен одбор за одбележување на овој настан предводен од м-р Роберт Алаѓозовски, Национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка.

Организацијата на целиот настан, обезбедувањето на соодветна техника, озвучување, осветлување, бини, ангажман на 45 изведувачи коишто ќе настапат во 15 градови ширум Македонија, изработка на промотивни материјали, изработка и печатење на промотивен материјал за информирање на граѓаните (летоци, постери), трошоци за продукција и пост продукција, ќе биде обезбедено од буџетот на Владата на Република Македонија, а сумата ќе биде објавена веднаш штом се завршат сите пресметки.

За прославата се ангажирани исклучиво домашни изведувачи, а изборот на градови е согласно рамномерна географска застапеност.

Концептот подразбира децентрализација, квалитетна и различна музика во многу градови, одлична културна програма. Одлучивме музиката да ја донесеме кај граѓаните. Без автобуси, без списоци, без принуди.

Прославата ја поддржаа и локалните самоуправи, со организациска и логистичка помош.

Информираме дека Владата не се рекламира на медиумите и затоа промоцијата во претстојните три дена се одвива исклучиво преку социјалните медиуми и теренски со печатени материјали.

Македонија заслужи да прослави и затоа ја повикуваме опозицијата да им честита на граѓаните и да не врши притисок врз музичарите кои на најтранспарентен, чесен и професионален начин учествуваат во прославата, врз основа на договори во кои експлицитно е наведено дека ангажманот е за прослава по повод поканата за Македонија за членство во НАТО со наслов “Одиме напред – Македонија во НАТО и ЕУ”.

Македонија е слободна земја и секој граѓанин самостојно одлучува и ќе одлучува за својот став. Опозицијата да се одважи, да ја поддржи македонската иднина и да се откаже од сеење омраза. Слобода е, секој има право да има став и никој не смее да етикетира граѓани заради изразен став.

Ова е прослава заради остварувањето на децениската аспирација на Македонија и на оваа генерација граѓани.

Македонија има причина да прослави!