26/11/2024
Македонија

Македонија направи значаен исчекор, реформите да продолжат за граѓаните и за напредок во евро-атлантските интеграции

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и министерот за надворешни работи, Никола Димитров денеска присуствуваа на работен ручек и советодавна дискусија во однос на евро-атлантските процеси на Република Македонија и Балканот со странски експерти кои се дел од Balkans in Europe policy advisory group (BIEPAG), Хедвиг Морвај, директор на Европскиот фонд за Балканот и Флоријан Бибер, директор на Центарот за југоисточни европски студии на Универзитетот во Грац.

На средбата присуствуваа и домашни експерти, поранешните амбасадори и универзитетски професори, Блерим Река и Ѓорѓи Спасов.

Заеднички беше оценето дека Република Македонија има направено значаен исчекор во спроведување на демократските реформи и во забрзувањето на евро-атлантските интеграции и беше заклучено дека од исклучителна важност е да продолжат реформите и Македонија да има јасни перспективи и напредок во однос на членството на земјата во ЕУ и НАТО во 2018 година. Експертите потенцираа дека тоа е исклучително важно за зајакнување на стабилноста, напредокот и интеграцијата на целиот Западен Балкан во Европската Унија и НАТО.