22/11/2024
Спорт

Македонија прва во групата од Лигата на нации, обезбеден плеј-оф за пласман на ЕП

Македонија ја освои првата позиција во Д групата од Лига на нации и обезбеди плеј-оф во за пласман на Европското првенство. Нашата репрезентација со триумф ја заврши групната фаза од УЕФА Лигата на нации, откако со 4:0 го победи тимот на Гибралтар.

Македонија целосно доминираше во натпреварот на Националната арена и сосема заслужено се радуваше на нова победа во натпреварувањето на УЕФА.

Уште во третата минута имавме шанса да го отвориме резултатот, повратниците беа во главна улога Алиоски до Елмас, но фудбалерот на Фенербахче за малку беше непрецизен во својот обид од околу 15. метри.

Се редеа шансите, во деветтата минута нова убава прилика овојпат од страна на Барди кој упати силен удар, но со сите сили успеа да одбрани Кафер, а две минути подоцна излезе и како победник против Тричковски на самиот петерец.

Конечно, во 27-та, фантастичен погодок на Барди, нашиот репрезентативец најпрво се ослободи од еден противнички играч и прекрасно стрелаше за водство од 1:0.

Непосредно пред паузата можеше да биде зголемена позитивата, после центаршутот на Алиоски, дојде една топка за Тричковски, повторно за малку покрај голот на Гибралтар. После првото полувреме Македонија-Гибралтар 1:0, апсолутно заслужено водевме и се одеше според планираното.

И во второто полувреме продолжија нападите на македонската репрезентација која бркаше уште еден гол, за да има помирна завршница, во случај да не се случи некое големо изненадување.

Во 63. минута убаво нафрлување од страна на Бејтулаи, највисок во казнетиот простор на гостите беше Несторовски кој со глава ја погоди стативата, немаше среќа играчот на Палермо.

И конечно нов гол во 67. минута, Несторовски сега се поправи и тоа со глава во мрежата на Гибралтар после асистенцијата на Ристевски. Ова е втор гол во шест мечеви за Несторовски во сениорскиот дрес.

Во 80. минута следуваше уште еден негов погодок, уште поубав со левата нога. 120 секунди подоцна беше поздравен од публиката, бидејќи беше заменет од Велкоски кој го запише 11. репрезентативен настап. Конечниот епилог го постави Трајковски во судиското надополнување со еден силен удар во 92. минута за голема радост.

Македонија: Димитриевски, Ристевски, Муслиу, Тричковски (Хасани 59′), Алиоски, Трајковски, Бејтулаи, Николов, Барди, Елмас (Адеми 72′), Несторовски (Велкоски 82′).