25/11/2024
Македонија

Македонија прва земја во регионот која го презема државното финансирање на програми за ХИВ и туберкулоза

Министерот за здравство, д-р Венко Филипче денеска оствари средба со генералниот конзул и директор на правниот оддел на Секретаријатот на Глобален фонд, Рутгер де Вит Вијнен. На средбата, на која беа присутни и претседавачот на националниот координативен механизам за ХИВ и туберкулоза, Христијан Јанкулоски и членот на управниот одбор на Глобален фонд за земјите од Источна Европа и Централна Азија, Ана Филиповска, стана збор за 39. состанок на Одборот на Глобален фонд, кој ќе се одржи на 9. и 10. мај во хотел Александар Палас во Скопје и на кој ќе присуствуваат повеќе од 250 делегати од цел свет.

На средбата се дискутираше и за министерскиот состанок, кој ќе се одржи на 7. мај во Скопје, на кој ќе бидат присутни министрите за здравство од земјите од Југоисточна Европа.

Македонија е прва земја во регионот, која го презема државното финансирање за превентивните програми за ХИВ и туберкулоза.

Глобалниот фонд ја препозна улогата на лидер во регионот на Македонија и Министерството за здравство, со што ја прифати поканата – 39. состанок да се одржи во Македонија. Досегашната улога на Глобалниот фонд беше од круцијално значење за превенција и за унапредување на здравјето меѓу клучните популации, младите, како и за одржување ниска преваленца на ХИВ и туберкулоза кај општата популација, кои од годинава ќе ги финансира државата.