Македонија со богата програма ќе ја одбележува Европската година на културното наследство
Утре во ЕУ Инфоцентарот во Скопје, Управата за заштита на културното наследство (УЗКН) пред стручната и пошироката јавност ќе ја презентира подготвената Годишна програма за одбележување на Европската година на културното наследство 2018. На настанот, освен директорката на УЗКН, Елеонора Петрова – Митевска, ќе говорат и министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски и амбасадорот на ЕУ во нашата земја, Самуел Жбогар…
Годишната програма на утрешниот настан ќе ја претстави м-р Кристина Бицева, координатор на Управата. Во текот на вчерашниот ден, министерот Алаѓозовски и директорката Петрова остварија подолг состанок со амбасадорот Жбогар, на кој детално се разгледуваа аспектите на одбележување на Европската година на културно наследство, програмата и предвидените настани и активности.
Инаку, 2018 година беше прогласена за Европска година на културното наследство со одлука на Европскиот парламент и Советот на Европската Унија. Целта на иницијативата е да го промовира значењето на европското културно наследство и да ја зајакне свеста за заедничката европска историја и вредности. Активностите и проектите на земјите – членки на ЕУ ќе опфатат неколку теми, а посебно внимание ќе биде посветено на вклученоста на населението од најразлична возраст во зачувување на културното наследство, одржливоста на културното наследство во процесот на транзиција и во туризмот, зачувување на културното наследство и иновација во насока на подобрени вештини на професионалците од областа на заштитата на културното наследство, како и на сите оние кои се вклучени во неговото зачувување и презентација.
„Иако Република Македонија сè уште не е полноправна членка на Европската Унија, сепак Управата за заштита на културното наследство го препозна значењето на дадените рамковни теми на Годината, кои се блиски до нејзините заложби и изготви Програма под слоганот „Нашето наследство – европска вредност“ и мотото „Кон споделена одговорност за заштитата на културното наследство“. Во рамките на оваа Програма во текот на 2018 година Управата ќе организира серија активности и настани за едукација, заштита и популаризација за нашето материјално и нематеријално културно наследство коишто ќе бидат презентирани на настанот“, соопшти денес Управата за заштита на културното наследство.