Македонија убедливо поразена во Англија
Македонската А репрезентација убедливо со 7:0 загуби од Англија на квалификацискиот натпревар од 3. коло за пласман на ЕП 2024.
Македонија одигра две реми средби против Англија во 2002-ра и 2006-та година, но вечерва едноставно не можеше да повтори такво нешто на „Олд Трафорд“, а тоа стана јасно уште во првото полувреме.
Нашиот најсилен национален тим на полувреме имаше негатива од три гола, иако добро се бореше и парираше 29 минути на гостувањето во Манчестер.Откако го примивме првиот гол, едноставно не престанаа сериозните налети на домашните фудбалери.
Хари Кејн го отвори резултатот по додавањето на Лук Шо, но до крајот на полувремето во листата на стрелците се запишаа и Букајо Сака и Маркус Рашфорд.
Уште во овој дел од натпреварот стана јасно дека Македонија ќе си замине со пораз во квалификациите, но стартот на вториот дел беше најава за тешкиот пораз. Букајо Сака постигна фантастичен гол за 4:0, истиот играч комплетираше хет-трик во 51. минута, а во продолжение по еден гол постигнаа и Филипс и Кејн за конечни 7:0.
Селекторот Милевски на прес конференцијата по мечот и се извини на целата нација за убедливиот пораз и бледото издание.
„Сакам да и се извинам на цела македонска нација за нашето издание кое го прикажавме. Јас сум тренер на овој тим, јас ги бирам играчите и одговорноста е моја. Сакам да испратам мое извинување до цела нација и посебно извинување до сите навивачи, особено до оние кои дојдоа да не поддржат и во Манчестер.
За жал, се случуваат и вакви работи во фудбалот. Ова се истите фудбалери кои играа со Италија и со Португалија. И јас сум истиот тренер, но во фудбалот има и вакви денови. Потфрливме во секој поглед. Тргнувајќи од мене, па потоа во сите линии на теренот. Јас сум одговорен на прво место, јас ги бирам играчите и одредувам кој ќе игра. Игравме против најразиграниот тим во Европа, но потфрливме во сите наши замисли. Ова не значи дека треба да се откажеме. Јас сум борец и не планирам да се откажам, треба да сме силни и сплотени и во вакви тешки моменти“.
WebOhrid / 19.06.2023 / ФФМ