26/11/2024
Македонија

Македонија во 2017 година со успеси и интензивна агенда на меѓународната културна сцена

Министерството за култура на Република Македонија во изминатата година направи видливи и значајни чекори за афирмација на земјата во меѓународни рамки. Успешно се реализираа учества на значајни меѓународни форуми и конференции, се потпишаа значајни договори за соработка, а се реализираа и повеќе настани и учества на меѓународни манифестации, на коишто се претставија нашите уметници и културно наследство…

На Третиот Форум на Иницијативата за соработка помеѓу НР Кина и земјите на Централна и Источна Европа (16 + 1), што се одржуваше во септември 2017 година во градот Хангџоу во НР Кина, беше потпишан Меморандум за разбирање помеѓу министерствата за култура на земјите од ЦИЕ и НР Кина, со што се востанови Координативен центар за културна соработка на Иницијативата, чие седиште ќе биде во Македонија.

Во обраќањето на Форумот, министерот Алаѓозовски изрази благодарност за укажаната доверба за воспоставување на Центарот во нашата земја. „Ја истакнуваме нашата посветеност и заложба – овој Центар да се операционализира што побргу и да почне да придонесува со конкретни програми и активности за зајакнување на нашата соработка“, истакна министерот Алаѓозовски.

Во рамки на Третиот форум на „16 + 1“, се одржа и 11-тиот Саем на културни и креативни индустрии, каде што премиерно беше изведено дело од македонската композиторка Дарија Андовска, напишано за традиционален кинески симфониски оркестар, а беше потпишана и Декларација за основање на Унија на музичките академии на земјите на Иницијативата, која од македонска страна ја потпиша Тони Китановски. Успешен настап имаше и саксофонистот Горан Папазовски со џез биг-бенд. Со своја репрезентативна изложба беше презентиран и Музејот на Македонија.

Делегација на Министерството за култура на Република Македонија предводена од министерот Роберт Алаѓозовски, во октомври оствари богата и успешна агенда на најпрестижниот светски книжевен настан, Саемот на книгата во Франкфурт, Германија. Тој се сретна со високи раководители за меѓународна соработка и со директорот на Саемот, Јурген Бос, како и со повеќе меѓународни издавачи. Делегацијата оствари средби и со Тобијас Вос, заменик – претседател на Секторот за меѓународна соработка на Саемот на книгата во Франкфурт, како и со Себастиан Гуголц, сопственик на издавачката куќа „Guggolz“, специјализирана за странски починати автори, кои се значајни во национален контекст, а се недоволно преведени во Германија. Оваа издавачка куќа го издаде „Пиреј“ од Петре М.Андреевски, книга за која веќе се развива голем интерес.

На Саемот во Франкфурт беа финализирани и преговорите за зачленувањето на Македонија во Европската мрежа за литература и книги ТРАДУКИ, што формално се случи на редовната годишна средба на претставниците на земјите – членки на ТРАДУКИ во Базел, Швајцарија. На настанот, министерот за култура, Роберт Алаѓозовски ги потпиша формалните документи со што Македонија стана полноправен член во Управниот одбор на Мрежата, и ќе може да учествува во донесувањето одлуки и да влијае на стратешките насоки за развој на Мрежата, како и да лобира за добивање поддршка за конкретни добри проекти од Македонија. Македонија беше меѓу последните земји од регионот што не беше формална членка на оваа европска мрежа, иако веќе 10 години македонските издавачи добиваа поддршка од ТРАДУКИ за нивни изданија и преводи.

Македонија со своја делегација учествуваше и на 39-то заседание на Генералната конференција на УНЕСКО во Париз. Како шеф на делагицијата и претседател на Националната комисија на УНЕСКО говореше министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски, кој истакна дека Владата на Република Македонија секогаш обрнува големо внимание на соработката со Организацијата и активно ги промовира и ги спроведува нејзините активности и иницијативи во областа на културата, образованието, науката, комуникациите, информациите, програмите за млади и за граѓанското општество, човековите права, како на национално, така и на регионално и меѓународно ниво. „Човековите права и слободи се императив за креирање и развој на актуелните политики и практики во нашата земја. Со почитување на културната разновидност и со подигање на свеста за значењето на интеркултурниот дијалог, се стремиме да ги надминеме стереотипите, да ги продлабочиме пријателските и хуманите односи меѓу луѓето во насока на градење похуман свет, отворен за нови облици на конструктивен и креативен дијалог, како една од суштинските заложби на Организацијата“, истакна Алаѓозовски пред учесниците на Генералната конференција.

Во Париз во исто време во музејот Лувр се одржуваше и 23. Меѓународен саем за културно наследство, каде што преку Управата за заштита на културното наследство беше претставена Македонија. Беа презентирани македонските археолошки локалитети, средновековните цркви, џамии и други споменици преку малите научно – популарни публикации. Беше одржана и видеопрезентација за најзначајното движно, недвижно и духовно наследство во Македонија.

Традиционално во Торонто се одржа Македонскиот филмски фестивал каде што министерот Алаѓозовски и директорот на Агенцијата за филм на РМ, Горјан Тозија, остварија редица средби со истакнати претставници на македонската заедница во Канада, на кои беше разговарано за унапредување на културната соработка и за промоција на македонската култура. Зборувајќи за Македонскиот филмски фестивал, министерот потенцираше дека манифестацијата е мошне значајна за промоција на македонската кинематографија пред македонската заедница и воопшто пред канадската публика, но и за промоција на македонската заедница во Канада и зацврстување на културните врски со Република Македонија. Тој истакна дека отсега Македонскиот филмски фестивал ќе има целосна поддршка од Министерството за култура и дека Министерството е заинтересирано да се унапреди форматот на фестивалот, на кој би гостувале истакнати продуценти, режисери, актери и филмски работници.

Македонија беше дел и од Саемот на книгата во Истанбул, кој е меѓу најголемите настани од овој вид во светот. Македонската делегација предводена од државниот секретар на Министерството за култура на Република Македонија, Валмир Азири ги посети издавачите од Македонија и учествуваше на свеченото отворање на манифестацијата, на која се претставуваат околу 1000 издавачи од 20-тина земји, а секоја година е посетена од над 500.000 посетители. Беа остварени и неколку средби со институции на културата и издавачи од Турција, со кои се воспоставија директни врски за интензивирање на културната соработка.

По неколку години пауза, Македонија изминатата година се претстави и на Саемот на книгата во Белград, со избор од над 400 репрезентативни дела од домашни автори, преводи и атрактивни наслови од речиси сите жанрови. Организатор на македонскиот настап на саемот во Белград е Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), со поддршка на Министерството за култура на РМ.

Министерот Алаѓозовски, за време на неговиот престој во Белград, Србија, учествуваше и на Nomad Dance Advocates in Belgrade 2017, дводневен меѓународен собир на експерти и претставници на држави, меѓу кои и претставници од Македонија, Албанија, Србија, Словенија, Хрватска, Бугарија, Австрија, Франција, Шведска и други земји, кои се залагаат за подобра позиција на танцот во земјите од регионот. Алаѓозовски одржа и предавање на Универзитетот за уметности во Белград, на програмата за магистерски студии за Културна политика и менаџмент пред постипломци од повеќе континенти. Темата на предавањето беа новите предизвици на македонските културни политики.

Во позначајните настани за афирмација на македонската култура во светот, во 2017 година ќе остане забележана изложбата во Музејот Ашмолијан во Оксфорд, Англија, на која учествуваше Археолошкиот музеј на Македонија. Настанот со наслов „Замислувајќи го божественото: Империи на религијата, уметноста и појавата на светските религии“ обединува експонати пронајдени од Ирска до Индија, со заеднички именител – првите претставувања на Врховното божество во пет различни религии : христијанството, исламот, будизмот, јудаизмот и хиндуизмот. Дел од изложбата беа и девет теракотни икони од Виница, како едни од најавтентичните археолошки откритија на нашите простори и во светот.

Настан што предизвика интерес во регионот беше изложбата која министерот Алаѓозовски ја отвори во Виена, насловена „Скопје – Архитектурата во македонски контекст“ на архитектите Владимир Десков, Ана Ивановска-Дескова и Јован Ивановски. Проектот беше реализиран на покана од архитект Адолф Штилер, долгогодишен куратор во престижната виенска галерија Рингтурм, каде што е поставена изложбата. „Говориме и за втора катастрофа што го зафати Скопје, овој пат не од природни, туку токму од квазиградителски односно квазикултурни причини – контроверзниот ‘проект’- Скопје 2014, кој што значително го измени не само архитектонскиот лик на градот, туку ги вознемири и подели граѓаните, ги смени нивните навики, ја збриша меморијата на градот. Овој контроверзен ‘проект’ на дело докажа колку и архитектурата, кога е во погрешни раце, може да биде убиствена за градот“, оцени Алаѓозовски на отворањето, осврнувајќи на архитектонското наследство на градот од отоманскиот период, како и на трансформациите што Скопје ги доживеа со катастрофалниот земјотрес во 1963 година, но и со т.н Проект „Скопје 2014“.

Во регионални рамки, заменик-министерот за култура Владимир Лазовски оствари неколку патувања во соседството, при што оствари средби со министрите за култура на Црна Гора и на Хрватска, како и со државниот секретар на министерството за култура на Р.Србија. На средбите беа договорени конкретни чекори за интензивирање на соработката и културната размена. Воедно, заменик-министерот Лазовски присуствуваше на успешните претставувања на наши театарски трупи и уметници на премиери и фестивали во Белград, Загреб, Сараево и Цетиње.

Во центрите за култура на Република Македонија во Софија и во Њујорк беа одржани голем број презентации за афирмација на македонската уметност во светот, главно изолжби и камерни концерти.

Во Културно – информативниот центар во Софија е особено развиена книжевната програма, па и минатата година беа одржани промоции на македонски автори како и на преведена литература од македонски на бугарски јазик. Преку овој центар, Македонија е дел од учесниците на Ноќта на литературата на европската асоцијација на културните институции.