Македонската филхармонија вечерва со концерт посветен на Драган Ѓаконовски-Шпато
„Филхармонија за Шпато“ е насловот на концертот на Македонската филхармонија кој ќе се одржи на вечерва во големата сала во 20 часот. Концертот е посветен на македонскиот музички маг Драган Ѓаконовски-Шпато, по повод 30 – годишнината од неговата смрт…
Диригент е Џеси Милинер од Германија, композитор, аранжер и пијанист. На сцената, заедно со оркестарот на Македонската филхармонија, ќе има и бенд во состав: Мартин Ѓаконовски – контрабас, Гордан Спасовски – пијано, Левин Ѓаконовски – тапани и Франческа Рајтер – виолина, а солисти на концертот се и гостите: Џон Илија Апелгрен – вокал и Кирил Кузмановски – саксофон.
Ќе бидат изведени едни од најубавите композиции на Шпато, како „Далечен крај“, „Те носам во себе“, „Глас од далечината“, „Без повраток“, „Дојди есен“, „Молчи една долина“, „Убава со како музика“, „Зар вистина е крај“, „За нас почнува живот“.
Македонскиот композитор, диригент и музички аранжер Драган Ѓаконовски-Шпато (1931-1987) се смета за зачетник на македонската забавна музика кој зад себе остави вистинско звучно богатство чија убавина, автентичност и влијанието што го изврши не се надминати. Шпато потекнувал од музичко семејство. Најпрвин изучувал виолина, а потоа и хармоника и како член на семејно трио, заедно со татко му Васил и неговиот постар брат Хари, ги имал и првите јавни настапи. Всушност, настапот на триото „Шпато“ во програмата на Радио Скопје се смета и за почетокот на македонската забавна музичка сцена.
Подоцна, Шпато почнал да ги проучува сите инструменти и да аранжира музика од, во тоа време, славните звучни имиња и особено да ја следи џез-музиката. Бил еден од најпознатите композитори и во рамките на поранешна Југославија, учествувајќи на тамошните фестивали и здобивајќи се со многубројни награди. Песната „Еден бакнеж“, на пример, доживеала посебен успех изведена на фестивалот „Опатија“ (1962), во негов аранжман. Од посебно значење за македонската музичка сцена е формирањето на познатиот вокален квартет „Импулси“ (1969), кога Шпато остварува исклучително плодна творечка активност.