22/11/2024
Спорт

Македонската карате репрезентација на прием во Агенцијата за млади и спорт

Агенцијата за млади и спорт организираше прес-конференција по повод неодамнешниот настап на Македонската репрезентација во традиционално карате на Обединетиот светски карате шампионат во Монтекатини, Италија.

Постигнат е историски резултат, 14 медали од кои: 9 златни, 1 сребрен и 4 бронзени медали во сениорска, јуниорска и кадетска конкуренција.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски истакна дека е чест и вистинско задоволство кога Македонска репрезентација освојува ваков историски успех, особено ако истиот е остварен на едно мундијалско натпреварување. Агенцијата и понатаму останува отворена за соработка со федерацијата за традиционално карате во секој сегмент, особено кога станува збор за младинските категории.

Дејан Недев изјави дека остварувањата се историски успех за Македонското традиционално карате ако се земе фактот на СШ учествуваа над 1000 натпреварувачи од 47 земји и тоа земји кои претставуваат величини во каратето, како Јапонија, Бразил, Романија, Аргентина.

„Посебно е важно тоа што освојувачите се главно кадетски и јуниорски натпреварувачи кои истовремено се стипендисти на Агенцијата за млади и спорт, со што сакам да ја нагласам важноста на овие средства и оправданоста за нивното постоење“, – изјави Недев.