Македонската заедница во Албанија – мост за соработка: Граничниот премин Џепиште-Требиште да работи 24 часа, “Кафасан” по принципот “One stop shop”
На иницијатива и како потреба на етничките Македонци во Албанија, застапувани од нивната партија – Македонска алијанса за европска интеграција, во Пустец, центарот на истомената и единствена општина со македонско население, се сретнаа министрите за внатрешни работи на Република Албанија, Сандер Лешај и на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски.
Домаќин на работната средбата беше градоначалникот на општина Пустец, Пали Колевски,а учествуваа и македонскиот заменик – министер за внатрешни работи, Агим Нухиу, како и градоначаликот на општина Ресен, Живко Гошаревски.
-Имавме мошне корисен и плоден работен состанок со мојот колега Сандер Лешај. Интерес на МВР на Република Северна Македонија е унапредување и продлабочување на билатералната и оперативната меѓународна соработка со МВР на Република Албанија, изразена, меѓу другото преку заложбите за подобрување на добрососедските односи и развивање на регионалната соработка, особено на полето на прекуграничната соработка. Во тој контекст, разговараме за потребата граничниот премин “Кафасан” да функционира на принципот “One stop shop”,како што тоа е веќе направено со граничниот премин со соседна Србија – изјави министерот Оливер Спасовски.
Генералниот секретар на Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Штерјоски, кој е и пратеник – единствен Македонец во албанскиот парламент, појаснува дека на средбата се разговарало за повеќе проекти кои се во интерес на Македонците во општина Пустец.
-Двајцата министри како членови на македонската и албанската влада, заеднички се заложија, да помогнат за подобрување на условите за живот на Македонците во општина Пустец.Во име на македонската партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција од двајцата министри побаравме што побрзо да се остварат услови да граничниот премин Џепиште-Требиште да работи 24 часа, со што ќе се помогни на Македонците во Голо Брдо. На состанокот заклучивме дека македонската заедница во Албанија е мост за соработка меѓу Македонија и Албанија.Двајцата министри раговараа и за повеќе други прашања кои се во интерес на граѓаните на Македонија и Албанија.
Веле Митаноски