22/11/2024
Спорт

Македонските каратисти на Европско првенство во Данска

Агенцијата за млади и спорт организираше прес конференција по повод настапот на Македонските каратисти на 46 -то Европско карате првенство за кадети, јуниори и помлади сениори, кое од 8-10 февруари ќе се одржи во Алборг, Данска.

Македонската репрезентација ќе настапи со 29 каратисти во сите категории, а ќе ги одмери силите во конкуренција на 1092 каратисти од 51 држава.

На пресот свое обраќање имаше директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски, како и членовите на стручниот штаб на македонската карате репрезентација.

„Карате федерацијата на Македонија по традиција во последните неколку години остварува врвни резултати на речиси секој настап на меѓународен план. Со последниот освоен медал во Сочи, Фахик Весели стана европски вицешампион и заслужено ја понесе титулата најдобар млад спортист на Македонија за 2018 година,“ – истакна Каевски.

Тој додаде дека Агенцијата за млади и спорт останува на своите патеки, во насока на поддршка на спортистите и Националните спортски федерации, особено кога станува збор за федерации кои веќе подолг временски период важат за најдобро организирани, а тука секако влегува Карате федерација на Македонија.

Радува податокот за зголемениот интерес и масивноста на млади кои се занимаваат со карате, но и големиот број на каратисти кои остваруваат врвни резултати на меѓународно ниво, и го оправдува пет-децениското постоење на каратето во Македонија.

Каевски им посака на сите репрезентативци успешен настап, спортска среќа, фер борби и ги очекувам по настапот на Европското првенство со што поуспешни остварувања.