Макрадули ги повика претпријатијата да аплициираат за субвенции за поставување филтри на оџаците
Малите и средните претријатија од Полошкиот регион да аплицираат за субвенции со цел да добијат филтри за оџаците од системите за затоплување, апелира заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули од Тетово каде беше во посета на фабриката за мебел „Њу дизајн“.
Фирмите, како што рече, имаат можност до 23 септември да се јават на повикот на Министерството во рамки на спроведување на планот за чист воздух.
„Повикот е во рамки на имплементација на планот за чист воздух откако мината година на предлог на граѓанската организција Еко Герила дојде до иницијатива за поставување филтри на мали и средни претријатрија кои дел од отпадот го користат за затоплување.
Истовремено дадовме 5,2 милиона денари за општина Тетово за објект каде што треба да биде заменето затоплувањето. Средствата се префрлени и очекуваме да изберат некој јавен објект. Целта е што помалку објекти да загадуваат. Има и други ииницијативи сите јавни институции да не загадуваат и да го заменат мазутот со друг начин на затоплување. Веруваме дека процесот полесно ќе тече и со гасисификација“, рече Макрадули.
Во проектот е предвидено да бидат опфатени 30 фирми според одредени критериуми, а вредноста на субвенциите е 2,5 милиони денари.
„Со ова се бориме со самиот извор на загадување. Задоволни сме што Владата одлучи да ги субвенционира фирмите, а ние како организација ќе бидеме од техничка помош околу документацијата. Би сакале да биде продолжен рокот зашто фирмите сѐ уште не разбрале“, изјави Аријанит Џафери од Еко Герила.