23/11/2024
Македонија

Макрадули со претставници од Град Нирнберг разговараа за справување со проблемот со аерозагадувањето

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, денеска, оствари работна средба со преставници од Град Нирнберг, Германија, и претставници од Град Скопје, на која се дискутираше за актуелниот европски проблем со аерозагадувањетово градовите и мерките што двете држави ги преземаат за подобрување на квалитетот на воздухот во урбаните средини.

На состанокот, заменик министерот Макрадули, заменик градоначалникот за животна средина и здравје на Град Нирнберг, д-р Петер Плушке и експертот од областа на превенција од загадување на воздухот во Град Нирнберг, Петер Херзнер од германската делегација и претставниците од Град Скопје, разменуваа искуства и идеи за лоцирање на причините за загадувањето на воздухот, со што ќе се придонесе за имплементирање на поефикасни краткорочни и долгорочни мерки за справување со последиците.

Една од клучните активности што германската влада ги има преземено во решавањето на овој проблем е донесувањето на посебен закон за начинот на загревање на домаќинствата, каде точно е пропишано каков тип на затоплување може да се користи  и кои стандарди треба да ги исполнуваат граѓаните.

Гостите од Германија ги поздравија сите досегашни преземени активности на Министерството за животна средина и просторно планирање на РМ, кои се усогласени со политиките што ги води Владата и кои подразбираат интегриран и координиран пристап на сите засегнати чинители и сектори во поефикасно справување со проблемот со загадувањето на воздухот во урбаните средини во Македонија.