Макрадули: Средба со експерти од Шведската агенција за заштита на животната средина
Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули денес, оствари работна средба со експертите од Шведската агенција за заштита на животната средина.
На средбата, од двете страни се пројави интерес за интензивирање на билатералните односи и соработката меѓу двете држави и двете министерства. Областите на интерес произлегоа од претходно остварената соработка и комуникација за олеснување на процесот на преговори со Европската Унија за Поглавје 27 – животна средина и климатски промени. Во тој контектекст како поспецифична област беше издвоен проблемот со аерозагадувањето.
Во текот на средбата, Макрадули ги презентираше досега преземените мерки и активности во насока на подобрување на состојбите, како и напредокот на Р. Македонија во дефинирање на политиките во областа на заштита на животната средина.
Истовремено, информираше за 14-тиот состанок на Поткомитетот за транспорт, животна средина, енергетика и регионален развој кој се одржа во Брисел, на кој после подолг период беше констатиран прогрес во поголем дел од областите на животната средина.
Заменик министерот ја потенцираше посветеноста и заложбата на Министерството за животна средина и просторно планирање и Владата на Република Македонија во остварување на задачите и постигнување на целите кои произлегуваат од Поглавјето 27 -животна средина и климатски промени кое како дел од евроинтегративниот процес има големо значење за напредокот на државата во приближување кон ЕУ.